Connect with us

Општини

Македонците во Австралија го одбележаа Денот на независноста

Претставници на македонската заедница во Австралија, меѓу кои и свештенослужители и претставници на црковните општини од Австралиско-сиднејската епархија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, присуствуваа на свечениот прием во Амбасадата во Канбера на свеченото одбележување на 8 Септември – Денот на независноста на Македонија. 

Настанот, како што се наведува во соопштението на Австралиско-сиднејската епархија на МПЦ – ОА, бил можност за заедничко одбележување на најзначајниот македонски државен празник, како и за официјално добредојде на новоименуваниот амбасадор Стојанче Китаноски.

– Македонците во Австралија достоинствено и свечено го одбележаа 8 Септември – Денот на независноста на Македонија. Централното одбележување се одржа во Амбасадата на Македонија во Канбера, каде што се собраа претставници на македонската заедница од повеќе делови на Австралија – се вели во соопштението.

Настанот, се додава во соопштението, претставувал можност за заедничко чествување на еден од најзначајните датуми во поновата македонска историја, но и за потврдување на силната поврзаност на иселениците со својата татковина.

– Присуството на претставници од разни македонски организации и црковни општини уште еднаш покажа дека верата, јазикот, културата и националното паметење остануваат цврста основа врз која се гради единството на Македонците во Австралија – нагласуваат од Австралиско-сиднејската епархија на МПЦ – ОА.

Особено значење на свеченоста ѝ дало претставувањето на новоименуваниот македонски амбасадор во Австралија, Стојанче Китаноски, за кого ова е прво одбележување на Денот на независноста на Македонија во Австралија во својство на амбасадор.

Во своето обраќање амбасадорот Китаноски изразил благодарност за топлото добредојде и ја нагласил значајната улога на македонската заедница во Австралија. Тој посочил дека, иако далеку од татковината, Македонците остануваат обединети преку заедничката љубов кон Македонија.

– Македонските иселеници, со својата работа, посветеност и општествен придонес, секојдневно се нејзини достоинствени претставници во Австралија – нагласил амбасадорот.

Присутните му посакале добредојде на амбасадорот Китаноски и успешно и плодотворно извршување на неговата дипломатска мисија, со надеж дека во претстојниот период ќе се продлабочат односите и соработката меѓу Амбасадата и македонската заедница.

Свештенството и претставниците на македонските православни црковни општини го истакнале значењето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија во духовното, националното и културното обединување на Македонците на австралискиот континент. Тие нагласиле дека македонските храмови во Австралија, покрај својата основна духовна мисија, со децении се средишта во кои се негуваат македонскиот јазик, традицијата, културата и врската со татковината.

Одбележувањето во Канбера поминала во свечена и пријатна атмосфера, исполнета со заедништво, почит кон минатото и надеж за иднината. Собирот, се вели во соопштението, уште еднаш покажал дека македонската заедница во Австралија останува силно поврзана со своите корени и подготвена за заедничко дејствување во интерес на Македонија и на Македонците во светот.

– По повод Денот на независноста беа упатени искрени честитки до сите Македонци во татковината и во дијаспората, со желби за мир, единство, благосостојба и напредок. Нека ни е честит и вековит 8 Септември – Денот на независноста на Македонија! – се додава во соопштението.