Connect with us

Култура

Конгресната библиотека во Вашингтон побогата за 23 македонски книги

Конгресната библиотека во Вашингтон деновиве е збогатена со 23 нови македонски книги, што ѝ ги донира Свето Стаменов, политиколог, поранешен новинар на Македонското радио – Радио Скопје публицист, автор, коавтор, приредувач и уредник на осумдесетина книги од различни области.

На пригодната свеченост, одржана по тој повод на 4 септември во Секцијата за Централна и Југоисточна Европа на Дивизијата за германистика и славистика, Свето Стаменов ѝ врачи на официјалната претставничка на Библиотеката, Билјана Миленковиќ, по еден примерок од своите книги: „Блаже Конески – македонски тестамент“, „Свети Климент Охридски и македонскиот културен контекст“ (второ изменето и проширено издание), „Силината на една книга“ (120 години од објавувањето на македонската „златна“ книга „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков), „Quo vadis, Професоре“ (разговори во политичкиот етер со професор емеритус Димитар Мирчев), второто изменето издание на „Охридски разговори“ – I книга (2003–2007) и „Охридски разговори“ – II книга (2008–2013).

Меѓу донираните се и коавторските книги на Свето Стаменов и Искра Чоловиќ: „Даница Ручигај и книжевната критика“, македонското и српското издание на „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“, како и специјалните изданија на „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ на македонски, српски јазик (кирилична и латинична верзија) и на англиски јазик, објавени по повод годишнината од смртта на Искра Чоловиќ и 90-годишнината од раѓањето на првата македонска поетеса Даница Ручигај (1934–1963).

Донацијата ги опфаќа и антологијата „Недореченост, о проклета да си“ и монографијата „Поглед врз Старата скопска чаршија“,  исто така, на Искра Чоловиќ и Свето Стаменов, како и книгата на Даница Ручигај „Сребрени ноќни игри & Заробеници на ветрот“, што Искра Чоловиќ и Свето Стаменов ја приредија по повод 40-годишнината од трагичната смрт на Даница Ручигај.

Меѓу донираните книги се и „Господ да ја благослови Македонија“ – во спомен на претседателот на Македонија Борис Трајковски (1956–2004), по повод 20-годишнината од неговата трагична смрт, и во спомен на Искра Чоловиќ (1960–2023), доајен на македонското радиоспикерство, новинар и публицист – од Свето Стаменов и Билјана Таневска Спировска; второто изменето и проширено издание на „Скопски разговори“ на Свето Стаменов и Милан Јазбец; словенечкото и македонското издание на словенечко-македонската двојазична стихозбирка „Venec za Iskro – Венец за Искра“ и „Поклон пред бардот на македонскиот журнализам: Свето Стаменов“ на Милан Јазбец; како и македонското и англиското издание на „Монолог на душата“ на Александар Сандевски.

Стаменов посочува дека  оваа донација, организирана во чест и вечен спомен на Искра Чоловиќ (1960–2023) – доајен на македонското радиоспикерство, новинар и истакнат македонски публицист – несомнено ќе придонесе за збогатување на книжниот фонд на македонски јазик што го поседува Конгресната библиотека, но и за поширокото запознавање на американската и меѓународната јавност со македонската култура, литература, историја и духовното и интелектуалното наследство.

– Истовремено, оваа донација претставува мал, но искрен придонес кон натамошната афирмација на македонската култура и литература во Соединетите Американски Држави и кон унапредувањето на македонско-американската културна соработка – истакнува Стаменов.