Connect with us

Останати спортови

На последниот ден на ЕП во пливање трето злато за Куадарела и второ за Маршан

Со денешните последни девет дисциплини заврши Европското првенство во пливање што се одржуваше во Париз. Третото злато италијанската пливачка Симона Куадарела на првенството го освои со победата во трката на 400 метри слободно, откако претходно беше прва на 800 и 1.500 слободно. Таа патеката ја исплива за 4:01.34 минути со време на нов рекорд на првенствата, пред Германките Изабел Госе и Маја Вернер.

Кај мажите на 400 метри слободно домашниот миленик на Французите Леон Маршан не дозволи изненадување и триумфираше со 3:43.14 минути пред Оливер Папаи од Унгарија и Лукас Мартенс од Германија. Ова за него беше второ злато на првенството по победата на 200 метри пеперутка.

Првото место во најбрзата дисциплина 50 метри слободно го освои Никита Шеремет од Украина со време од 21.13 секунди, пред Егор Корнев и Андреј Барна. Двајцата постигнаа исто време (21.37 секунди) и освоија сребрен медал.

На 50 метри градно кај жените Литванката Рута Мелиутите не дозволи изненадување и го освои златниот медал со време – 29.93 секунди. Една стотинка послабо време имаше втората Бенедета Пиалато од Италија, која пак беше побрза за една стотинка од Мона Мек Шери од Ирска.

Хуберт Кос од Унгарија освои златен медал со рекорд на првенствата – 1:54.24 минута на 200 метри мешано, пред Шпанецот Хуго де Оливеира и Михаил Шчераков.

Кена Мекинес од Велика Британија го освои златниот медал во дисциплината 200 метри пеперутка со време 2:05.90 минути. Хелена Бах од Данска беше втора, а Лаура Кабањес од Шпанија трета.

Гркот Апостолос Христу го освои златниот медал на 100 метри грбно со време – 52.27 секунди и беше за една секунда побрз од Томас Чекон од Италија, додека третото место му припадна на Павел Самусенко.

Во женската штафета на 4 × 100 мешано Велика Британија во последните метри ја мина Италија и со време нов рекорд на првенствата стигна до златниот медал – 3:53.50 минути. Бронзата и припадна на штафета на независните спортисти.

Кај мажите триумфираа претставниците на независните спортисти со резултат 3:28.67 минути, пред Италија и Франција.

Најуспешна нација е Велика Британија со девет златни медали или вкупно 15, пред Италија со 6 злата и 23 медали.