Живот
Одисеј и Итака меѓу митот, легендата и историјата – археологијата посочува можна делумна вистина во Хомеровиот еп
Со илјадници години, еповите „Илијада“ и „Одисеја“ се гледаат низ двојна призма: од една страна како основа на западната литература, а од друга – како сплет од имагинација, народна традиција и поетска слобода. Додека Хајнрих Шлиман успеа да ја убеди научната заедница во XIX век дека Троја навистина постоела, владетелот на островот Итака – лукавиот Одисеј остана во сферата на митот… Се чини – до неодамна.
Имено, по долгогодишни ископувања во северниот дел од денешна Итака, тим грчки археолози предводени од професорот Танасис Пападопулос од Универзитетот во Јанина објави резултати што фрлија ново светло за овие настани сред научната заедница. Имено, научниците тврдат дека откриле остатоци од трикатна палата од микенскиот период (околу 1300 година п.н.е.), со специфични архитектонски својства и одлики коишто, според грчките истражувачи, се совпаѓаат со стиховите на поетот Хомер до најмал детаљ.
Ископувањата на наоѓалиштето Свети Атанасиос (познато и како Хомеровото училиште), открија комплекс со монументални димензии. Палатата била изградена на две нивоа, со скали исклесани во карпа, масивни потпорни ѕидови и, за тоа време – напреден водоводен систем. Археолозите истакнуваат дека пронајдената градба ги има сите одлики на кралско средиште од ерата на Микена – мегарон (голема отворена сала со огниште) во средината, местото каде што, според преданијата, се собирале додворувачите на Пенелопа; потоа пространи складишта со најдени фрагменти од големи глинени садови (питоси) во коишто се чувало масло, вино и жито, како и одбранбен бедем.
Она што особено го привлекло вниманието на истражувачите е подземен извор на свежа вода, до којшто се доаѓа преку премин издлабен во карпата – детаљ што Хомер го споменува во „Одисејата“, т.е. во описот на кралската палата.
- Со споредување на архитектонските остатоци со пишувањата во „Одисејата“, географската местоположба и текстурата на теренот, дојдовме до заклучоци што одат подалеку од обична случајност. Не гледаме остатоци од никаква микенска тврдина, туку самото средиште на моќ што го инспирирало создавањето на овој еп – изјави проф. Пападопулос при претставувањето на наодите.
Можеби најважниот артефакт што го поддржува тврдењето дека Одисеј не бил само плод на имагинацијата на поетот е фрагмент од насликана керамика и бронзена плоча со гравиран натпис што датира од подоцнежниот, хеленистички период. Тие содржат посвета на старогрчки јазик: „Мојата молитва до Одисеј“. Ова откритие потврдува дека на тоа место со векови постоел култ посветен на херојскиот крал од минатото.
Тоа би значело дека тамошните Хелени и повеќе од 1.000 години подоцна не го сметале Одисеј за измислен херој, туку за вистинска историска личност и свој предок на чиј дух му се молеле за заштита и мудрост.
Археолозите пронајдоа и предмети од секојдневниот живот што сведочат за богатство и развиена трговија. Меѓу наодите се керамика увезена од Крит и Микена, накит изработен од злато и килибар, оружје и алатки изработени од висококвалитетна бронза.
Новите откритија на Итака повторно отвораат едно од најважните прашања на современата археологија: Каде завршува митот и легандата, а каде почнува историјата? Со десетлетија, скептиците тврдат дека денешна Итака е премногу мала и груба за да биде престолнина на моќен владетел како оној опишан во епот, и го бараат престолот на Одисеј на соседните острови Кефалонија и Лефкада. Сепак, новите ископувања посочуваат дека во XIII век п.н.е., Итака можела да биде исклучително важeн поморски oстров. Благодарение на својствената географска местоположба, како што се претпоставува и тврди, на пр., владетелот на овој остров би можел да ги контролира трговските патишта меѓу Јонското и Јадранското Море.
Историчарите потсетуваат дека сличен бил случајот и со самата Троја. Кога Шлиман почнал со ископувања на ридот Хисарлик во Турција, експертите го сметале за безнадежен сонувач. Денес, никој не оспорува дека Тројанската војна има историска основа, иако епот вклучува богови и други митско-легендарни натприродни суштества. Наодите од Итака, според грчките истражувачи, сега доживуваат слична судбина – очекуваат тие од сомнежи да прејдат до научна верификација.
Секој нов слој земја што археолозите го отстрануваат, се вели – „не само што открива стари ѕидови, туку и го враќа гласот на владетелот кој излегол од рамките на историјата во вечноста“ пред повеќе од три илјадалетија. Научниците не тврдат дека историскиот Одисеј минал 10 години талкајќи по морињата и борејќи се со еднооките киклопи или слушајќи ја песната на сирените – како оној од епот. Ова, несомнено, се само приказни и усни преданија од митолошката антика, повлијаени од поморските раскази и поетската генијалност на самиот Хомер (или според многумина историчари – на група поети кои пишувале под тоа име).
Сепак, сѐ повеќе аргументи говорат дека во доцното бронзено време, Итака била управувана од исклучително способен, лукав и влијателен владетел. Тој, според грчките истражувачи, ги водел своите војници под ѕидините на Троја, управувал со мало, но моќно кралство и оставил длабок белег во сеќавањето на својот народ, така што неговата судбина прераснала во еден од најголемите епови од историјата на човештвото. Археолошките ископувања на Итака продолжуваат, а научниците најавуваат и употреба на најсовремени методи на 3-Д скенирање и ДНК-анализа на откриените гробници.
јули 22, 2026

