Свет
Илјадници припадници на движењето „Бубашваби“ бараат оставка од индискиот министер за образование и реформи во испитниот систем
Илјадници поддржувачи на младинското индиско движење „Бубашваби“ денеска се собраа во Њу Делхи со намера да маршираат кон индискиот Парламент за да побараат оставка од министерот за образование Дармендра Прадхан, иако полицијата не го одобри протестниот марш.
Десетици полицајци го опколија и блокираа просторот кај протестната зона Џантар Мантар во центарот на главниот град, поради опасност од судири доколку демонстрантите се упатат кон Парламентот што се наоѓа на неколку километри од местото на собирањето.
Полицијата преку озвучување ги повика демонстрантите да се разотидат, но насобраната маса продолжи со протестните извици.
Движењето „Бубашваби“ се појави во мај откако главен судија на индискиот Врховен суд, при судење дел од невработените млади луѓе ги спореди со „бубашваби“. Поддржувачите на таа изјава и дадоа сатирично значење и го искористија терминот како име на движење што за кратко време привлече милиони следбеници на социјалните мрежи.
Движењето дополнително зајакна откако во неколкунаврати беа „пробиени“ тестови за прием на медицински факултети и за државни работни места, што предизвика голем револт во јавноста. Дополнително внимание привлече настанот од саботата кога полицијата насилно во болница го префрли активистот, Соам Вангчук, кој штрајкуваше со глад.
Демонстрантите, кои самите се нарекуваат „бубашваби“, веќе еден месец кампуваат кај Џантар Мантар, а дел од студентските организации се приклучија на штрајкот со глад на Вангчук.
Тие бараат оставка од министерот за образование Дармендер Прадхан, реформи во системот на полагање испити и финансиска помош за семејствата на учениците кои извршиле самоубиство поради скандалите со протекување на испитните материјали.
Пред почетокот на планираниот марш, Вангчук изјави дека ќе го прекине својот речиси тринеделен штрајк со глад само доколку Владата преземе одговорност за пропустите во образовниот систем и протекувањето на тестовите, или доколку на демонстрантите им биде дозволено да стигнат до Парламентот, а пратениците се обврзат да го отворат прашањето во двата дома на индискиот законодавен дом.
Полицијата во Њу Делхи соопшти дека маршот не е дозволен и дека ограничувањата се неопходни за одржување на јавниот ред, особено поради почетокот на монсунската сезона.
Протестите претставуваат нов јавен предизвик за Владата на премиерот Нарендра Моди, која е во својот трет мандат. Движењето доби поддршка од опозициски партии, активисти за човекови права и дел од боливудските јавни личности.
Демонстрантите тврдат дека просторот за изразување несогласување во Индија е намален за време на владеењето на Моди, чија влада често е критикувана поради постапките против активисти и ограничувањето на јавните протести.
Високи претставници на владата зазедоа остар став кон движењето. Министерот Прадхан ги обвини демонстрантите дека дејствуваат против интересите на државата, додека други министри порачаа дека ги разбираат грижите на студентите, но оти нема потреба од преговори со движењето.
јули 21, 2026


