Свет
Бројот на жртвите од разорните земјотреси во Венецуела надмина 5.200
Бројот на загинатите во двата силни земјотреси со интензитет од 7,2 и 7,5 степени што пред речиси еден месец ја потресоа северна Венецуела достигна 5.208 лица, откако властите во последниот биланс додадоа уште 89 жртви.
Како што соопшти претседателот на Националното собрание, Хорхе Родригес, бројот повредени останува 16.740, додека без покрив над главата останале 17.907 лица.
Дополнително, 23.820 жители се сместени во 107 привремени кампови, а надлежните служби досега обезбедиле помош за 128.324 семејства погодени од последиците на природната катастрофа.
По разорните земјотреси што ја погодија земјата на 24 јуни, регистрирани се вкупно 1.388 последователни потреси. Последниот земјотрес со магнитуда од три степени бил регистриран вчераутро, на околу 9 километри западно од Ла Гуаира, на длабочина од 3,9 километри, според податоците на Венецуелската фондација за сеизмолошки истражувања.
Властите продолжуваат со спасувачките и хуманитарните операции во погодените подрачја, каде покрај човечките загуби се евидентирани и големи материјални штети на објекти и инфраструктура.
јули 21, 2026

