Свет
Демонстранти се судрија со полицијата поради доаѓањето на американскиот амбасадор во Венеција
Присуството на американскиот амбасадор во Италија, Тилман Фертита, во Венеција по повод традиционалниот празник Христос Спасител, кој секоја година се одбележува за време на третиот викенд во јули, предизвика протести, пренесува АНСА.
Фертита вчера пристигна во градот со својата 117-метарска јахта „Бродволк“, која плови под знамето на Кајманските Острови. Јахтата влезе во Венециската лагуна придружувана од пловила на италијанската полиција, бидејќи посетата е дел од дипломатската турнеја низ повеќе италијански пристаништа по повод 250-годишнината од американската Декларација за независност.
Неколку стотици демонстранти протестираа против присуството на американскиот дипломат, а протестот беше насочен и против политиката на САД.
Демонстрантите се обидоа да се приближат до местото каде што беше закотвена јахтата на Фертита, но беа запрени од полицијата. Во еден момент дојде и до судири меѓу демонстрантите и безбедносните сили.
Пратеници од италијанската опозиција ја критикуваа дипломатската турнеја на американскиот амбасадор, оценувајќи дека за обезбедувањето на неговата јахта се трошат јавни средства на даночните обврзници.
Протести против Фертита во Венеција имаше и на почетокот на јули.
Незадоволството го организира истото здружение што минатата година протестираше против свадбата на милијардерот Џеф Безос во Венеција.
Фертита и Безос се сметаат за дел од кругот близок до американскиот претседател Доналд Трамп, кој во последниот период упатува остри критики кон Италија и италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Фертита не е дипломат од кариера. Тој е милијардер со проценето богатство од 11,3 милијарди долари, стекнато во хотелската и во угостителската индустрија, а во минатото поседувал и казина. Тој е сопственик и на кошаркарскиот клуб „Хјустон рокетс“.
За време на посетата на Италија, Фертита е придружуван од сопругата и од пријатели. Со својата јахта претходно престојуваше во сицилијанскиот град Чефалу, од каде што потекнува неговото семејство, а потоа го посети и Палермо, каде што се сретна со гувернерот на Сицилија. Во рамките на турнејата престојуваше и во калабриското пристаниште Ла Кастела, пловеше покрај брегот на Пуља, а потоа и долж јадранското крајбрежје.
Празникот Христос Спасител се одбележува во спомен на крајот на епидемијата на чума што ја погодила Венеција во 16 век. Во ноќта меѓу саботата и неделата, за време на третиот јулски викенд, небото над градот традиционално го осветлува голем огномет.
Центар на свеченостите е црквата „Христос Спасител“ на островот Џудека. По повод празникот, меѓу островот Џудека и венециската населба Дорсодуро секоја година се поставува привремен мост преку каналот Џудека.
јули 19, 2026


