Connect with us

Забава

Јапонија ги усвои измените во царскиот закон, наследувањето на престолот останува по машка линија

Јапонскиот парламент денеска ги усвои измените на Законот за царската куќа, што на одредени поранешни гранки на царското семејство им овозможува повторно да се стекнат со царскиот статус, а правилото само мажи да го наследуваат престолот остана непроменето.

Првата значајна промена на законот во 1947 година предвидуваше дека мажите над 15 години од поранешни царски семејства, кои потекнуваат од машки императори, може да бидат усвоени во царското семејство, а женските членови на семејството ќе го задржат царскиот статус откога ќе се омажат за граѓани што не се благородници, објави „Кјодо“.

Според новите одредби, невенчаните машки потомци на 11 поранешни гранки на царското семејство, кои го изгубија својот статус по Втората светска војна, ќе може да се приклучат на сегашното царско семејство од 16 члена.

Јапонската премиерка Санае Такаичи оцени дека целта на законските измени е да се обезбеди стабилен број членови на царското семејство и изрази задоволство од нивното усвојување.

Промените предизвикаа критики од опозицијата, која смета дека немало доволно парламентарна дискусија и дека владејачката коалиција се обидува да го зачува традиционалниот систем на наследување исклучиво преку татковата линија.

Прашањето за царското наследство стана особено актуелно бидејќи Јапонија моментно има само три машки наследници на царот Нарухито.

Ќерка му, принцезата Аико, не може да го наследи тронот според сегашните правила, но според новиот закон таа ќе може да го задржи својот царски статус ако се омажи за граѓанин што нема благородничка титула.

Новиот закон не предвидува можност жените да станат царици ниту, пак, воведува наследување преку женска линија.

Според анкетата на „Кјодо њуз“ спроведена во мај, 83 проценти од испитаниците ја поддржуваат можноста жените да го наследат тронот, а 13,1 проценти од граѓаните се противат на тоа.

Законот за царската куќа од 1947 година, донесен за време на американската окупација на Јапонија по Втората светска војна, предвидува тронот да го наследува машки потомок по машка линија од царската линија, а таа одредба остана непроменета, дури и по најновите измени.

Предвидено е новиот систем да се преиспитува по потреба на секои 30 години со процена на неговата долгорочна одржливост.

Ad
Ad