Вести
Сиљановска-Давкова: Уморна сум од „егзотична“ држава, сакам да живеам во досадна европска држава заснована на принципи и вредности
Суштината на процесот на интеграција во Европската Унија е исполнување на Копенхашките критериуми и европеризација во сите сфери во општеството. Без оглед дали се работи за мали или големи држави, Западен Балкан, како и целиот Балкан, отсекогаш историски, културно и логично ѝ припаѓал на Европа и треба да го најде своето место внатре – смета претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
– Се согласувам дека таканаречениот Западен Балкан не смее да биде прескокнат бидејќи суштината на Копенхашките критериуми е европеизацијата во сите области, почнувајќи од владеењето на правото, поделбата на власта, почитувањето на човековите права, либералната економија и способноста да се исполнуваат обврските кон Европската Унија.
Не е доволно да бидете охрабрувани со децении – рече македонската претседателка во одговор на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со словачкиот колега Петер Пелегрини.
По планот за раст и по акциските планови што ги донесовме, како што рече таа, ЕУ навистина почна заедно да чекори кон нас преку Копенхаген до Брисел.
– Мислам дека тоа е вистинскиот пат. Без оглед дали се работи за мали или големи држави, Западен Балкан, како и целиот Балкан, отсекогаш историски, културно и логично ѝ припаѓал на Европа и треба да го најде своето место внатре. Потенирам дека целиот Западен Балкан заедно не претставува проблем за апсорпцискиот капацитет на Европската Унија. Второ, со интегрирањето во ЕУ, Унијата ќе биде поблиска до Европа. Трето, ќе се стави крај на феноменот на фрагментација, т.н. балканизација. Четврто, ќе се стави крај на вештачката поделба Исток – Запад – рече Сиљановска-Давкова.
Смета дека ЕУ, која нè поттикнуваше да ставиме крај на социјалистичките и на комунистичките системи и враќањето на либералната линија, навистина ќе ја заслужи таа поддршка и ќе се заокружи онака како што е потребно.
– Затоа, навистина очекуваме разбирање, а не поттикнување на употребата на ветото во врска со кластерите и поглавјата, како што рече и претседателот, меритократски, според заслугите – тоа е суштината на Европската Унија. Ќе влеземе тогаш кога ќе личиме на оние што веќе се членки на Европа. Мојата последна реченица: често велам дека сум уморна од тоа да живеам во „егзотична“ држава – сакам да живеам во досадна европска држава. Досадната европска држава е заснована на принципи и вредности. Тоа е она по што треба да бидеме оценувани – рече претседателката Сиљановска-Давкова.
Таа е во официјална посета на Словачка, каде што денеска беше примена со највисоки државни и воени почести. Потоа со својот словачки колега Петер Пелегрини одржаа тет-а-тет средба по што следуваше пленарен состанок на македонската и на словачката делегација.Во фокусот на разговорите беа оценката и унапредувањето на билатералните односи, со акцент на политичката соработка, нашата маратонска евроинтеграција и словачката поддршка во процесот. Предмет на дијалогот беа и: економската соработка, трговската размена и инвестициите, како и можностите за засилено партнерство во енергетиката, инфраструктурата, туризмот и иновациите.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните безбедносни и геополитички состојби во Европа, соработката во рамките на НАТО, како и потребата од стабилност и јасна европска перспектива на регионот.
Во рамките на официјалната посета предвидено е претседателката да оствари средба со претседателот на Националниот совет на Република Словачка, Рихард Раши, како и со потпретседателот на владата на Република Словачка и министер за одбрана, Роберт Калињак.
јуни 2, 2026
