Connect with us

Забава

Отец – спортски коментатор на грчкиот остров Лезбос

Отец Григорис Полимос, свештеник во црквата Свети Ѓорѓи во Като Халика, предградие на градот Митилини на грчкиот остров Лезбос е и спортски коментатор, веројатно единствениот во Грција, кој освен свештеничката служба, со благослов на митрополитот, е задолжен и за коментирање на фудбалските натпревари во втората лига на локалното првенство, но и за интервјуирање на играчите по дуелите, јави дописничката на МИА од Атина.

За грчката новинска агенција АНА-МПА отец Григорис Полимос објаснува дека веќе три години ги коментира фудбалските натпревари што се пренесуваат на каналот „Баладер“ на Јутјуб, посочувајќи дека „има дозвола“, а неговата активност е „секогаш со благослов на митрополитот“.

– Свештеничката должност, секако, е над сè. Во нашата црква постојат светци кои ги нарекуваме спортисти. Црквата е блиску до спортот, блиску до младите луѓе. Ја нудиме оваа служба со голема радост. Да споменам дека дури и Светиот Синод на Грчката православна црква има специјална комисија што се занимава со спорт, а претседател е митрополитот на Хиос. Значи, спортот не е во спротивност со свештеничката служба. Со голема радост ги гледаме натпреварите на младите. Земаме интервјуа, градиме односи со нив и тоа е многу убаво, затоа што преку овој процес децата се доближуваат до црквата и стекнуваат поголема блискост со свештениците, вели отецот.

Раскажува дека уште како дете му се допаѓало коментирањето на спортски натпревари, кои ги слушал на радио бидејќи немале телевизор, а сега преку Сојузот на фудбалски клубови од Лезбос учествува во настаните поврзани со аматерскиот фудбал, како набљудувач, но и во развојните програми во младинските категории.

При завршувањето на една таква програма и за време на малата свеченост по тој повод, го слушнале од Јутјуб каналот „Баладер“ и му предложиле да ги коментира натпреварите.

– Ми рекоа: „Оче, ќе дојдеш да ни помогнеш да пренесуваме натпревари од локалното првенство, сакаш да дојдеш да коментираш?“ Така започнав пред три години и сме задоволни, и се надевам дека се задоволни и луѓето што нè слушаат, нагласи свештеникот.

Објаснува дека навивачите реагираат позитивно и пријателски за неговите спортски коментари, „иако на почеток им беше малку чудно“, но сепак биле навикнати да го гледаат на стадионите со друга улога, како набљудувач и со младинските селекции од островот.

– Сега ме гледаат од трибините како ги пренесувам натпреварите. Многу им се допаѓа, барем така ми велат, а и од коментарите што ги добиваме на каналот „Баладер ТВ“ гледаме дека на луѓето ова им се допаѓа, објаснува отец Григорис Полимос за АНА-МПА.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1