Connect with us

Култура

Во Прилеп и Долнени се одржува фестивалот „Пеце Атанасовски: Изворниот мелос се негува

Околу 250 учесници од цела Македонија и нашинци од странство учествуваат на 52 фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ пто се одржува во Прилеп и во Долнени. 

Стотина учесници синоќа во Прилеп ги покажаа својата умешност и љубов кон изворниот мелос на годинашнов фестивал „Пеце Атанасовски“.

Тринаесетгодишниот Андреј Димитријоски од Канада две години свири на гајда. Ја учел „он лајн“ од својот учител во Македонија. Дојде на Фестивалот да ја покаже својата умешност.

-Две години учам свирење на гајда. Мојот учител од Македонија преку Интернет ми го објаснуваше свирењето и јас учев чекор по чекор. Тоа ме доближува до Македонија. Гајдата  ми е многу интересен инструмент – вели Димитријоски.

За изучувањето на традиционалните инструменти има интерес и кај младите.

-Мојот ментор, м-р Трајче Малинов ми ја вроди љубовта кон инструментот тамбура. Учев во основното училиште „Стефан Гајдов“ во Велес, а сега сум во средното училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје на отсекот за традиционални инструменти – вели Христијан Саздовски од Велес. 

Минатогодишниот добитник на највисоката фестивалска награда, „Гајдата на Пеце“ со звуците на овој инструмент го отвори Фестивалот синоќа во Прилеп.

-За среќа, се зголемува интересот кај младите и, воопшто, кај повозрасните се појавува интерес заслуѓање на гајдата, а кога има побарувачка, автоматски ќе добиваме многу млади изведувачи – вели гајдаџијата Александар Ангелов од Штип.

Иинституциите треба да го поддржат професионалниот аматеризам, смета професорот Горанчо Ангелов од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип

-Институциите кои го поддржуваат зачуваувањето на макеријалното и нематеријалното културно богатство, треба да одвојат повеќе пари. Треба да вложат повеќе во враќање на професионалниот аматеризам и тој да се подигне на повисоко ниво – вели Ангелов.

За доцент Стојанче Костов од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје, Фестивалот „Пеце Атанасовски“ е единствен од таков вид во земјава што го негува изворниот мелос.

-Овие пет децении, Фестивалот ја оправдува својата улога и своето постоење и, на некој начин е бренд на Македонија – вели Костов. 

Поради нестабилните временски услови, првата фестивалска вечер во Прилеп, наместо на плоштадот Александрија се одржа во прилепското кино „Мис Стон“. 

Вечер во Долнени ќе се претстават останатите учесници и ќе бидат наградени најдобрите изведувачи. На најдобриот гајдаџија ќе му биде доделена „Гајдата на Пеце“ што ја обезбедува општина Долнени.

Поради временските услови, наместо на Рудина, учесниците ќе се претстават во салата при поранешната општинска зграда во селото Долнени.

Ad
Ad