Connect with us

Регион

Во близина на Бујановац се одржа тактичка вежба како дел од првата заедничка воена вежба меѓу Србија и НАТО

Првата заедничка мултинационална тактичка воена вежба на српската армија и НАТО се одржа на полигонот „Боровац“ во близина на Бујановац, во присуство на високи функционери, соопшти Министерството за одбрана на Србија.

Околу 600 припадници на армијата на Србија и вооружените сили на Италија, Романија и Турција учествуваа на воената вежба организирана од Командата на армијата и Командата на здружените сили од Неапол, со присуство на воени планери и набљудувачи од Велика Британија, Италија, Германија, Романија, САД, Србија, Турција, Франција и Црна Гора.

Учесниците на вежбата демонстрираа постапка во случај на напад на контролен пункт, медицинска евакуација, блокада и пребарување на теренот, извидување, борба во населено место, како и слетување со хеликоптер.

Вежбата беше спроведена врз основа на заклучок на Владата на Србија и претставува продолжување на соработката меѓу Србија и НАТО во рамките на програмата Партнерство за мир на рамноправна основа и со почитување на српската воена неутралност, како што е наведено во соопштението, „со цел зачувување на мирот и стабилноста во регионот, подобрување на оперативните капацитети на вооружените сили и зајакнување на довербата и меѓусебното разбирање“.

На вежбата присуствуваа министерот за одбрана на Србија, Братислав Гашиќ, началникот на ГШ на вооружените сили на Србија, генерал Милан Мојсиловиќ, заменик-помошникот генерален секретар на НАТО, Кевин Хамилтон, командантот на Здружената команда на силите на НАТО во Неапол, адмиралот Џорџ Викоф, амбасадори на земјите учеснички.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1