Регион
Протест пред Амбасадата на САД во Хавана поради американското обвинение против Раул Кастро
Илјадници Кубанци утрово се собраа пред амбасадата на Соединетите Американски Држави во Хавана, на протест против американската одлука да биде обвинет поранешниот претседател Раул Кастро за соборување на два цивилни авиони пред три децении.
Провладиниот собир почнал набргу по изгрејсонце, на крајбрежјето во Хавана, во период на ново заострување на односите меѓу Куба и САД. Демонстрантите вееле кубански знамиња и извикувале пароли во поддршка на Кастро и револуцијата, меѓу кои „Да живее Раул“ и „Татковина или смрт“.
Раул Кастро, кој има 94 години, не присуствувал на протестот. Неговата порака до присутните ја пренел кубанскиот пратеник Херардо Ернандес, национален херој и поранешен разузнавач. Во пораката, Кастро им се заблагодарил на Кубанците и на пријателите на островот низ светот за солидарноста.
На протестот присуствувале и кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел, премиерот Мануел Мареро, како и членови на семејството Кастро, меѓу кои неговата ќерка Мариела Кастро, синот Алехандро Кастро и внукот Раул Родригез Кастро.
Кубанските власти тврдат дека обвинението против Кастро се темели на неосновани наводи и дека претставува политички притисок врз земјата. Од Хавана оценуваат дека случајот се користи како изговор за засилување на американската политика против Куба.
Протестот траел речиси еден час и се одржа на само 90 милји од американскиот брег, како симболична порака во момент кога односите меѓу Вашингтон и Хавана повторно влегуваат во една од најзатегнатите фази во последните години.
мај 22, 2026
