Општини
Во Охрид 10. Регионален симпозиум на лабораториите за нафта и нафтени деривати
Претставници на релевантните лаборатории во нафтената индустрија во регионот, на министерствата за енергетика, регулаторните комисии, државните инспекторати, како и други релевантни институции и компании учествуваат на 10. Регионален симпозиум на лаборатории за нафта и нафтени деривати што од денеска се одржува во Охрид.
Симпозиумот претставува значајна регионална платформа за професионална размена на искуства, знаења и современи практики во областа на контролата на квалитет, лабораториските анализи, регулативата и безбедноста во нафтената индустрија.
Пред учесниците преку видео-порака се обрати министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која истакна дека новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини е посветено кон креирање модерен и кредибилен енергетски систем што го зајакнува надзорот услогласен со европските стандарди и насочен кон конкретна заштита на граѓаните и животната средина.
Како важна пресвртница во сферата таа го посочи донесувањето на новиот закон за енергетика, за кој посочи дека поставил посилна правна рамка за пазарен надзор и поефикасно следење и контрола на квалитетот на горивата. Божиновска уште нагласи дека се работи и на модернизација на правилникот за квалитет на горивата, се со цел усогласувење со европските стандарди и воспоставување поефикасни процедури за контрола и мониторинг во пракса.
– Квалитетот на горивата е прашање на доверба на граѓаните, фер конкуренција, заштитата на животната средина и сигурност за потрошувачите. Заота е важно како се менува енергетскиот сектор да се менуваат и регулаторните и мониторинг механизмите, рече таа, истакнувајќи ја тука и важноста на лабораторииите, дотоклу повеќе што нивната акредитација и техничка доверливост се темел на кредибилен систем, што само оди во пролог на важноста на собирите како овој во Охрид.
Генералниот директор на „ОКТА АД – Скопје“, Димитриос Пасхос, истакна дека компанијата што ја предводи е посветена на националните и регионалните стандарди за квалитет и целосно ја препознава важноста на високите професионални критериуми. Токму тие стандарди, како што рече, зависат од сигурни лаборатории, доверливи методологии и транспарентни процедури…
– Во ОКТА квалитетот претставува фундаментална одговорност. Тој е основа за довербата на потрошувачите, за заштита на пазарот, но и за обезбедување фер и транспарентна конкуренција. Токму затоа, посебен акцент ставаме на усогласувањето со европските стандарди, како и на континуирани инвестиции во нашите лаборатории и развојот на конструктивна соработка со акредитирани лаборатории и надлежни институции, рече тој.
За квалитетот посочи дека не може да се гради поединечно и изолирано, туку преку координација, конзистентност и меѓусебна доверба меѓу сите институции и партнери…
– Затоа Форумите како овој имаат исклучително значење. Тие овозможуваат практична размена на технички знаења и регионални искуства, особено во време кога стандардите и енергетските производи постојано се развиваат и унапредуваат, рече тој.
Учесниците на собирот ги поздрави и градоначалникот Кирил Пецаков, кој истакна дека е особено горд што Охрид е домаќин на европската елита во една од најважните економски дејности – снабдувањето со горива, тема од исклучително значење за сите нас.
– Верувам дека деловната заедница присутна денес во нашиот прекрасен Охрид ќе ги претстави најновите достигнувања и современи практики во оваа област, рече Пецаков посакувајќи им убави денови во Охрид.
На настанот во Охрид учествуваат претставници на лаборатории, институции, регулаторни тела и компании од неколку земји во регионот, вклучувајќи ги Србија, Бугарија, Грција, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и други.
Во рамки на работниот дел на симпозиумот ќе бидат одржани бројни стручни презентации и дискусии од институции и компании од областа на нафтената индустрија.
мај 14, 2026
