Connect with us

Општини

Македонска асоцијација на гинеколози и опстетичари: Да се подигне свеста за комплексното автоимуно заболување лупус

Подигнување на свеста за комплексното автоимуно заболување лупус, кое најчесто ги погодува жените во нивните најпродуктивни години е целта на одбележувањето на 10 Мај, Светскиот ден на лупус, соопшти денеска Македонската асоцијација на гинеколози и опстетичари (МАГО).

Годинава, како што посочуваат од асоцијацијата, овој значаен ден се совпаѓа со одбележувањето на Неделата на женското здравје, ставајќи посебен акцент на една од најчувствителните теми – интеракцијата меѓу лупус и бременоста.

Лупус не смее да биде пречка за остварување на желбата за мајчинство, но бара исклучително висок степен на свесност, планирање и медицинска поддршка. Статистиките покажуваат дека бременостите кај жени со автоимуни заболувања се во пораст, што ја наметнува потребата од гласно зборување за ризиците, но и за можностите и решенијата.

Најголемиот ризик кај пациентките со лупус доаѓа кога бременоста е непланирана. Стручната јавност укажува дека зачнувањето треба да се случи во фаза на ремисија (смирување) на болеста, со цел да се минимизираат шансите за компликации како прееклампсија, спонтан абортус или предвремено породување. Жената со лупус има потреба од координирана грижа од ревматолог, гинеколог-акушер и педијатар, кои заеднички ќе го следат текот на бременоста и евентуалното влијание на специфичните антитела врз фетусот. Светскиот ден на лупус е можност да се испрати порака дека со современ мониторинг, соодветна терапија и редовни контроли, ризиците можат успешно да се менаџираат, а жените со лупус да имаат здрава бременост и квалитетен живот.

Неделата на женско здравје ќе се одбележи од 11 до 17 мај со повеќе медиумски активности, а централната манифестација ќе биде 15 и 16 мај во Скопје. 

Токму во насока на едукација и поддршка на жените, во рамките на Неделата на женското здравје, д-р Ирена Тодоровска на 16 мај ќе одржи стручно предавање на тема „Автоимуни заболувања и бременост“ на кое ќе бидат образложени клучните аспекти на внимателното менаџирање на бременоста кај пациентките со лупус и антифосфолипиден синдром, со цел да се осигура здравјето на мајката и новороденчето, информират од МАГО.

Маркетинг
Ad 4
Ad 4