Свет
Научно истражување: Уништувањето на прашумите и понатаму продолжува, но со помал интензитет
„Иако тропските прашуми и и понатаму се намалуваат, темпото на нивното исчезнување се забавува со рекордно високото ниво забележано во 2024 година“, соопшти Институтот за светски ресурси (ВРИ). „Според податоците на лабораторијата ГЛАД (GLAD) при Универзитетот во Мериленд, во 2025 година се изгубени 4,3 милиони хектари тропски прашуми – површина приближно со големина на Данска. Сепак, тоа претставува намалување од 36 отсто во споредба со количеството на уништени прашуми во 2024 година, изјавуваат од ВРИ.
Според Елизабет Голдман, кодиректорка на програмата „Глобален надзор на шумите“ при ВРИ (Global Forest Watch при WRI), најновите податоци се охрабрувачки.
-Намалување од ваков размер во една година е охрабрувачки и покажува што може да се постигне со решителна владина акција. Дел од намалувањето може да се припише на период на смирување на шумските пожари. Пожарите и климатските промени меѓусебно се засилуваат, а со појавата на „Ел Нињо“ во 2026 година, инвестициите на превенција и навремена реакција ќе бидат значајни, бидејќи екстремните услови за пожари сè повеќе стануваат норма, изјави Голдман.
Според Институтот за светски ресурси, и покрај забележаното намалување, загубата на тропските прашуми останува 46 отсто повисока, во споредба со пред десет години. Организацијата предупредува дека, и покрај одреден напредок, глобалното уништување на прашумите сè уште е над нивото потребно за исполнување на целта за запирање на загубата на шумите до 2030 година – обврска што ја презеле повеќе од 140 земји. Според процените, тековните нивоа се околу 70 отсто повисоки од потребното.
Значителен дел од глобалното намалување е во Бразил, каде што се наоѓа најголемата тропска прашума во светот, Амазонија. Според ВРИ, Бразил успеал да го намали губењето на примарните шуми, што не е поврзано со пожари, за 41 отсто во споредба со 2024 година, достигнувајќи најниско ниво во досегашните мерења. Како главна причина за уништувањето на шумите во светот и натаму се смета проширувањето на земјоделството, иако шумските пожари остануваат значаен фактор.
Според директорот на лабораторијата ГЛАД, Метју Хансен, климатските промени и човечкото расчистување на земјиштето ја зголемиле подложноста на шумите на пожари. Хансен предупредува дека без итни мерки за спречување на горењето и поефикасното управување со пожарите, се доведува до прашање опстанокот на најзначајните шумски екосистеми во светот.
Исто така високи нивоа на губење на шумите се забележани во повеќе земји, меѓу кои Боливија, Демократска Република Конго, Перу, Лаос и Мадагаскар. Како главни фактори се посочуваат проширувањето на земјоделските површини, рударството, шумските пожари, како и зависноста на локалното население од шумите за храна и гориво, заклучи ВРИ.
април 30, 2026

