Култура
„Култури и резонанси”, француско-македонска вечер на културна размена
Со традиционални ора и танци во изведба на професионални француски и македонски танчери, во Националната установа Центар за култура Крива Паланка се одржа француско-македонска вечер.
Настанот во организација на Фондацијата „Бел Идеал” насловен „Култури и резонанси” овозможува исклучителна културна размена помеѓу Франција и Македонија, а ќе биде достапен и за скопската публика вечерва, со почеток во 19 часот во МКЦ, сала “Фросина”.
-Настанот го привлече вниманието на публиката која имаше несекојдневна можност да ужива во настапот на француската група „Пријатели и танци” (Amities et dance), од Сули-сур-Лоар, составена од единаесет танчерки, предводена од професорката по танц Ирина Леже-Горбачева, претседателка на групата,кои настапија со повеќе традиционални француски танци, нудејќи жив и автентичен приказ на ова богато културно наследство. Вечерта беше збогатена и со македонски традиционални ора и танци во изведба на КУД “8 Октомври”,со ансамблите под водство на кореографите Александар Петровски и Александар Златановски, одушевувајќи ја публиката со своите енергични настапи, информира Јадранка Бојковска – Бенрејдал, претседателка на Фондацијата „Бел Идеал”.
Таа нагласи дека оваа уметничка средба придонесува за истакнување на културните врски помеѓу Франција и Северна Македонија, во топла и пријателска атмосфера, преку универзалниот јазик на танцот и музиката кои овозможуваат зближување на народите.
-Многу сме среќни што успеавме да ја реализираме оваа културна средба во Крива Паланка, продолжуваме вечерва и во Скопје, со што придонесуваме за зајакнување на пријателството меѓу двете земји, додаде Бојковска – Бенрејдал, повикувајќи ја публиката од главниот град вечерва да го проследи танцовиот спектакл
април 20, 2026

