Регион
Недостиг на основни продукти во супермаркетите на грчкиот остров Лезбос
Сточарите од Лезбос веќе петти ден го блокираат пристаништето во Митилини и не дозволуваат транспорт на стоки, протестирајќи поради ниските обесштетувања и строгите мерки поврзани со болеста шап и лигавка, што резултира во супермаркетите на грчкиот остров веќе да има недостиг на основни производи, јави дописничката на МИА од Атина.
Бродскиот сообраќај од и кон островот се одвива регуларно за патниците, а блокадите се насочени само кон камионите и сточарите не дозволуваат да излезат од траектите.
Според локалните медиуми од островот, рафтовите во супермаркетите веќе се празнат и има недостиг на овошје, зеленчук и месо, а со оглед на тоа што снабдувањето на островот во голема мера зависи од производите што се транспортираат со траекти, доколку продолжат блокадите процените се дека во следните денови, недостигот може да се прошири и на други основни производи.
Претставници на сточарите од Лезбос вчера имаа средба со министерот за земјоделство на Грција Маргаритис Схинас, а како што информираа од Министерството, пораката од вонредниот состанок за ситуацијата со шап и лигавка на островот е „смиреност, строго почитување на мерките и континуирана поддршка на погодените“.
Сепак, и покрај средбата, сточарите продолжуваат со протестите и блокадите на главното пристаниште на островот.
април 19, 2026

