Вести
Савески: Транспарентноста е темел на довербата меѓу јавноста и институциите
Транспарентноста е темел на довербата меѓу јавноста и институциите и е особено важна за правосудството бидејќи правдата не само што треба да биде задоволена туку треба да биде и видлива за сите – порача државниот jавен обвинител Ненад Савески на отворањето на конференцијата „Од стратегија до пракса: Јакнење на комуникацијата на Јавното обвинителство со јавноста“.
Од довербата на граѓаните директно зависи и ефикасноста на нашата работа, нагласи Савески и порача дека денеска се одбележува значаен исчекор што го прави Јавното обвинителство во таа насока со презентирање на нoвото лого и комуникациска стратегија на ЈО.
– Новото лого што ќе го носиме сите јавни обвинители претставува институционално преставување, но во себе го носи и европскиот дух. Несомнено Јавното обвинителство постапува и одлучува во духот на европските стандарди и сакавме тие да бидат отсликани на симболите на логото на нашата институција – рече Савески.
Претседателот на Здружението на јавните обвинители, Елвин Вели, на отворањето на конференцијата порача дека транспарентноста на јавните обвинители не значи компромитирање на истрагите, туку навремено информирање на јавноста за работата на јавните обвинители во рамките на законските можности бидејќи јавноста има право да знае како функционира Јавното обвинителство.
Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајковски-Стрезоска, порача дека транспарентноста во работењето е особено важна бидејќи јавноста мора да има уверување дека правдата се спроведува одговорно и доследно и во таа функција улогата на медиумите е важна.
– Новата стратегија претставува значаен исчекор во стратешки пристап во комуникација со медиумите и граѓаните. Јавниот обвинител веруваме дека покрај интегритет, треба да има и јасна, одговорна и етичка комуникација со јавноста – порача Трајковски-Стрезоска.
Претседателот на ЗНМ Младен Чадикоски рече дека изминатите години имаше направено многу чекори напред во однос на комуникација со новинарите, но тоа не значи дека е доволно.
– Во пракса гледаме претпазливост на некои од обвинителите, кои на културата на комуникација гледаат како на дополнителна обврска, што не треба да биде така, туку треба да бидат дел од нивната работа. Јавните обвинители треба да објаснат на јавноста како доаѓаат до правдата – додаде Чадикоски.
Гжегож Борковски, судија, лидер на компонента за правосудство „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, нагласи дека соработуваат и ќе продолжат со поддршка не само на Јавното обвинителство, туку и на Советот на јавните обвинители, Здружението на јавните обвинители и Агенцијата за јавни обвинители.
– Се горддееме што денеска ги гледаме новата стратегија и логото на ЈО. Нашата соработка е базирана не само на професионален однос, туку и на одлични меѓучовечки односи со сите соработници – нагласи Борковски.
Настанот е организиран од Јавното обвинителство, во соработка со проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ и, како што е најавено, е во насока на посветеноста на Јавното обвинителство за дополнително зголемување на довербата на јавноста во јавнообвинителската работа.
јуни 2, 2026
