Connect with us

Вести

Муцунски: Нашите граѓани даваат поддршка на европскиот пат, но не и да се продолжи по патот на отстапки во низа

„Најсилната алатка којашто граѓаните во суштина ја имаат е референдумот, но сега референдум во овој момент ниту има некаква логика, ниту нешто може конкретно да значи, ниту некој пробив да даде по однос на состојбата. Единствено служи како внатрешно-политичка алатка на главната опозициска партија, којашто ако им ги следите и денешните прес-конференции не знаат ни кога ни се роковите за испорака на реформите. Тие денес држат прес-конференции и велат реформите требаше да ги испорачате до јуни, а не се свесни дека рокот е 31 јуни, а не 1 јуни“, истакна Тимчо Муцунски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и министер за надворешни работи и надворешна трговија во синоќешното гостување во централниот Дневник на Сител телевизија.

Муцунски објасни дека не постои дилема, како и дека сите анкети на јавното мислење покажуваат дека граѓаните даваат поддршка на европскиот пат, но тој нагласи дека јавното мислење на граѓаните е дека не треба да се продолжи по патот на отстапки во низа.

„Суштината е следна: Нашите граѓани, сите анкети на јавно мислење ни покажуваат апсолутно дека без никаква дилема, недвосмислено даваат поддршка на европскиот пат. Но истовремено и анкетите на јавно мислење и чувството кај нашите граѓани доколку зборувате со поширок корпус на граѓани е дека не треба да го продолжиме патот на отстапки во низа, без јасни сигнали дека тоа е крај“, рече Муцунски.

Муцунски нагласи дека Владата работи на подобрување на состојбата, со цел да се постигне европски напредок, потенцирајќи дека и наративот од пред две години е многу поразличен, односно дека потребно е државата да добие дополнителни гаранции. Тој додаде дека единствени коишто не го ценат успехот на надворешна политика на државата се главните опозициски партии кои, како што рече, се одлично координирани со официјална Софија.

„Значи постои веќе, од страна на нашата надворешна политика создадена е свест дека спрема нашата држава треба да се постапува претпазливо и треба заеднички сите да најдеме некое решение. Единствени коишто не се радуваат со тој наратив се тие во Софија, бидејќи сметаат дека го имаат најдоброто возможно решение за нив, и за жал единствени коишто не го ценат тој успех на нашата надворешна политика се главните опозициски партии коишто се одлично координирани со официјална Софија, тоа е реалноста“, дециден е Муцунски.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1