Connect with us

Култура

Вo Софија отворена Меѓународната фотоизложба „Последните селани“ на Арт поинт – Гумно

Во изложбениот салон на Македонскиот културно-информативен центар во Софија синоќа беше отворена меѓународната фотоизложба „Последните селани“, проект на АРТ ПОИНТ – ГУМНО од село Слоештица, Демир Хисар, која пред бројната публика претстави моќно визуелно сведоштво за животот, тишината и исчезнувањето на македонското село, информираат од КИЦ Софија.

Изложбата е дел од програмските активности на Македонскиот културно-информативен центар во Софија за претставување и афирмација на македонските ликовни колонии и уметнички резиденции, како значаен сегмент од современото македонско културно творештво и меѓународната културна соработка.

Изложбата обединува дела од автори од повеќе земји – САД, Чешка, Словачка, Грција и Мексико – чии фотографии, создадени во рамките на уметничките резиденции и колонии на АРТ ПОИНТ – ГУМНО, го документираат секојдневието, природата и луѓето од горно-демирхисарскиот регион.

Пред присутните било истакнато дека „Последните селани“ не е само фотографска поставка, туку и длабоко човечка приказна за исчезнувањето на еден начин на живот, за празнењето на селата и за луѓето што остануваат последни чувари на традицијата, меморијата и идентитетот.

На отворањето на изложбата се обратил директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, Зоран Пејковски, кој меѓу другото истакнал дека оваа изложба има особено значење бидејќи преку уметноста отвора важни прашања за културното наследство, идентитетот и зачувувањето на човечките вредности. Тој нагласил дека фотографиите не се само визуелни записи, туку силни сведоштва за животот на луѓето што остануваат верни на земјата, традицијата и своите корени.

-Овие фотографии не ја раскажуваат само приказната за македонското село, туку и приказната за човекот, за неговата борба, достоинство и припадност. Во нив е зачувана меморијата на едно време кое полека исчезнува, но токму преку вакви проекти продолжува да живее, истакнал Пејковски.

За изложбата говорел и основачот на АРТ ПОИНТ – ГУМНО, познатиот македонски ликовен уметник Сергеј Андреевски, син на големиот македонски писател Петре М. Андреевски, кој зборувал за идејата и мисијата на центарот во Слоештица, како и за значењето на уметноста во зачувувањето на колективната меморија и културниот идентитет.

Андреевски истакнал дека АРТ ПОИНТ – ГУМНО повеќе од две децении претставува место каде што уметниците од целиот свет се среќаваат со автентичниот дух на македонското село и преку своите дела создаваат трајни сведоштва за луѓето, природата и животот во руралните средини.

-Слоештица не е само географска точка, туку простор на сеќавања, приказни и човечки судбини. Овие фотографии се обид да се зачува нешто што полека исчезнува, но и да се покаже дека токму во тие мали и тивки места се крие суштината на нашиот идентитет, истакна Андреевски.

Во рамките на изложбата биле претставени фотографии од американскиот фотограф со данско потекло Ероу Рос, кој во 2005 година престојуваше во Слоештица и создаде серија документарни фотографии во рамките на проектот „Приказна за лебот“.

Неговите црно-бели портрети на локалните жители предизвикаа особено внимание кај публиката, доловувајќи ја автентичноста и достоинството на животот во македонското село. Дел од изложените фотографии биле претходно претставени и во САД во рамките на изложбата „Село во Македонија“.

На изложбата биле поставени и фотографии од реномираната чешка фотографка Јана Хунтрова, чии дела се објавувани и во престижното списание „National Geographic“, како и фотографии од професори и студенти од Либеречката школа за фотографија и графика од Чешка, долгогодишни соработници на АРТ ПОИНТ – ГУМНО. Нивните фотографии, создадени за време на престојот во Слоештица и околните села, ја раскажуваат приказната за природното и културното богатство на регионот, но и за неговото постепено исчезнување.

Посебен впечаток оставил и постерот „Слоештица во црно и бело“ на грчкиот фотограф Харис Савидес, кој преку моќен црно-бел визуелен израз создава атмосфера на еден свет сместен помеѓу минатото и сегашноста.

Во обраќањата било нагласено и значењето на АРТ ПОИНТ – ГУМНО, здружение што повеќе од две децении дејствува во Слоештица под мотото „Допри ја земјата за да се кренеш“. Во рамките на центарот досега престојувале над 80 меѓународни уметници и повеќе од 20 млади студенти, кои преку своите дела придонесуваат за афирмација на македонската култура, руралното наследство и локалните заедници.

Основачите на центарот истакнуваат дека уметноста создадена во Слоештица претставува своевидна културна амбасада на Македонија во светот, а локалните жители се „локални херои“ и носители на живото наследство и идентитетот.

Изложбата „Последните селани“, велат од КИЦ Софија, уште еднаш покажа дека уметноста може да биде моќен чувар на меморијата и сведоштво за вредностите што современиот свет сè почесто ги заборава. Преку фотографиите на авторите, публиката во Софија имаше можност да се соочи со тивката, но силна приказна за едно исчезнувачко време и за луѓето што сè уште го чуваат неговиот дух.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1