Вести
Презентирани 140 билети, договори и инспекциски записници од „Пулс“
Со изведување на материјални докази од Обвинителство, денеска во судницата во „Идризово“ продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Обвинителството презентираше докази за правното лице – правните субјекти Класик ДМ ДОО Кочани и ММММ ДООЕЛ Кочани и подружниците Кабаре Пулс и Клуб Пулс – од основање, измени, состојба во централен регистар и нивна поврзаност од лицата кои биле носители на деловниот потфат и биле заведени како управители од Дејан Јованов, Митко Стојанов и сега починатиот Александар Карадаковски.
Во судницата беа изведени и документи за правниот статус на објектот каде се наоѓа дискотеката „Пулс“ согласно урбанистички планови, геодетски елаборати, барање за легализација од 2011 година за делот од објектот кој се третирал како бесправен објект, записници од извршени надзори, договор за закуп, барање за легализација, но и записник од одземени предмети и документи во дискотеката по пожарот.
Беа презентирани и фотографии од внатрешноста на дискотеката Пулс по реновирањето, а обезбедени од вештачењето на телефонот на првообвинетиот Дејан Јованов, за кои Обвинителство нагласи дека нема никаква официјална документација.
Одбраната укажа да биде нотирано дека од сликите се гледа дека има задна врата на која стои знак „излез“, како и знак „забрането точење алкохол на малолетни“ над шанкот.
Од материјалните докази поврзани со Општина Кочани и дискотеката беа презентирани записник од извршен вонреден надзор, при што се утврдени неправилности – за објект со одобрение за лесна индустрија повеќе години се користи како објект за угостителска дејност дискотека и за истиот нема одобрение за пренамена, потоа Барање за неиздавање лиценца за работа од Општина Кочани од 2012 година со известување дека претходното известување од Општината е дека паркинг просторот се однесува за објекти за лесна индустрија, а не за ноќен клуб, и барање од 2012 година од Општина Кочани до Министерството за економија дека имаат информации дека компанијата Класик ТП поднела барање за лиценца за дискотека и да бидат известени во врска со тоа.
Одбраната реагираше дека дел од доказите се прибавени на незаконит начин и не треба да бидат изведени како докази, како и на самата законитост на прибрани докази.
Обвинителство презентираше и Записник за пронајдени и одземени предмети откако се овозможиле услови за тоа на лице место на настанот – од лични документи, лап топи, каса со пари и други предмети, меѓу кои беа посочени 140 билети на кочан за влез во дискотеката Пулс, Договор за патролно осигурување меѓу Рубикон секјурити солушнс и ММММ Кафе ДООЕЛ, Известување за вршење дејност и записник од извршен инспекциски надзор за безбедност и здравје при работа во дискотеката.
Одбраната бараше да биде прочитан дел од констатираниот надзор, додека Обвинителство нагласи дека ова се документи најдени на лице место на настанот во папката за Кабаре Пулс и како такви се доставени како докази, дали во оригинал или како копија.
Судот дозволи да се прочита делот од Записникот од извршен надзор во 2012 година од Влашка Ефтимов во присуство на Дејан Јованов – во кој се вели дека „објектот на влезот има табла со работно време од 20 до 4 часот и дека е забранет влез на малолетни лица, дека кма доволен број пп апарати и можност за приклучување на хидрант, 170 конзумни места, располага со еден главен влез и два помошни со отворање надвор, висина на плафон 6 метри…. при што се констатира дека „сметам дека се исполнети минимално технички услови за работа на објектот“.
Одбраната реагираше да се нотира на записник дека лиценцата се однесува за објект на улица Димитар Влахов, а не за улица Крижевска, каде се наоѓа објектот.
Пред Судот беа презентирани и фактура за набавка на Полиутерански сунѓер од Силпен СТ Кратово уште пред да почне со работа дискотеката, како и документација за постапка за стечај, затворање и бришење на Класик ДМ ДОО.
Обвинителството презентираше и Договор за закуп меѓу Гроздан Милковски и ММММ ДООЕЛ Кочани за објект со површина од 419м2 на десет години, каде се наоѓала дискотеката Пулс.
Одбраната на обвинетиот Гроздан Милковски, реагираше на доказот изведен како договорот за закуп, посочувајќи дека бил измамен со тој договор и дека во него не пишувало за каква дејност ќе се користи.
-Не се сложувам со овој договор, затоа што тој го потпишав во кола, а се договоривме да го разгледа и Дејан и да дојде да го потпише. А сега гледам дека е потпишан од Митко Стојанов – изјави Милковски.
Пред Судот претходно денеска беа презентирани докази за објектот, неговата сопственост и движење на имот – целокупната фактичка, правна и сопственичка историја на објектот каде се наоѓала дискотеката Пулс.
Судот на почетокот на денешното рочиште им посочи на дел од одбраната дека доказите кои се презентираат од Обвинителството се обезбедени во оригинал и доколку сакаат може да извршат увид.
Судењето продолжува на 3 јуни со изведување материјални докази од Обвинителство.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
мај 28, 2026
