Скопје
Герасимовски на терен со деканот на Градежниот факултет: Се затрупува и обезбедува градилиштето на булеварот Теодосиј Гологанов
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска изврши увид на терен на булеварот Теодосиј Гологанов, во близина на Католичката црква, заедно со деканот на Градежниот факултет, инспекциските служби на Општина Центар и стручни лица, каде се спроведуваат итни мерки за обезбедување и стабилизација на просторот по евидентираното свлечиште на земјиштето во непосредна близина на градежен зафат.
Според стручните насоки од Градежниот факултет, започнато е затрупување и зацврстување на земјиштето на градилиштето со цел да се спречат дополнителни оштетувања и да се обезбеди безбедноста на граѓаните и околните објекти, информираат од Општина Центар.
Герасимовски упати благодарност до деканот и стручниот тим на Градежниот факултет, кои веднаш излегоа на терен и дадоа конкретни насоки за надминување на состојбата.
-Безбедноста на граѓаните нема цена. Од првиот момент реагиравме веднаш, а денеска на терен заедно со стручните лица ги следиме активностите за стабилизација на просторот. Голема благодарност до деканот и тимот на Градежниот факултет за експертската помош и професионалниот пристап. Ќе постапуваме строго и без компромис кога се работи за неодговорно и несовесно градење- изјави Герасимовски.
Инспекциските служби на Општина Центар и натаму се на терен и продолжуваат со надзорот и постапувањето. Досега се изречени повеќе санкции, а постапките против инвеститорот и изведувачот продолжуваат, откако е утврдено дека дел од градежните активности не биле изведувани согласно одобрението за градење издадено од Општина Центар.
Општина Центар останува целосно посветена на надминување на состојбата, обезбедување на просторот и утврдување одговорност за сите констатирани неправилности.
мај 28, 2026
