Connect with us

Регион

ЕУ финансира соработката во областа на интелектуалната сопственост на Западен Балкан

Генералниот директорат на Европската комисија за проширување и источно соседство и Канцеларијата на ЕУ за интелектуална сопственост (EUIPO) покренаа нов проект за соработка на Западен Балкан, во партнерство со надлежните органи за таа област во регионот.

Од седиштето на Канцеларијата во Аликанте е соопштено дека целта на проектот EU4IP-WB е зајакнување на системот на интелектуална сопственост во земјите учеснички во проектот, како и забрзување на нивната постепена интеграција во ЕУ, пренесе Бета.

Во проектот е вклучена и Молдавија, исклучиво во рамките на регионалната соработка, се наведува во соопштението на Канцеларијата.

Реализацијата на новиот проект во областа на интелектуалната сопственост ќе донесе проширување на тековните меѓународни активности за соработка на тој план кои се финансирани од ЕУ, а ги спроведува Канцеларијата во Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.

Проектот ќе трае 36 месеци и е кофинансиран од Европската комисија и EUIPO која, како агенција што го спроведува, ќе се фокусира на реализација на усвоениот план за работа, вклучувајќи и активности за поддршка на усогласувањето со правните текови на ЕУ во областа на интелектуалната сопственост.

Канцеларијата наведе дека проектот EU4IP-WB е фокусиран на тоа, преку поддршка на институционалните капацитети и регионалната соработка, системите за интелектуална сопственост во регионот да бидат подостапни, поефикасни и поусогласени со рамките на ЕУ.

„Активностите ќе опфатат усогласување на законите, модернизација на службите за интелектуална сопственост и подигнување на свеста, особено кај младите и кај малите и средните претпријатија“, се вели во соопштението, при што се додава дека посилните и поконзистентни системи за интелектуална сопственост ќе придонесат за иновации, инвестиции и фер конкуренција.

EUIPO е агенција на Унијата за управување со трговските марки на ЕУ, регистрираниот дизајн на ЕУ, географските ознаки за занаетчиски и индустриски производи, како и за европска и меѓународна соработка во областа на интелектуалната сопственост.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1