Connect with us

Култура

Премиера на претставата „Девојките на Марко“ во прилепскиот народен театар

Во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп в среда, на 27 мај премиерно ќе биде изведена претставата „Девојките на Марко“ според Боинг Боинг од Марк Камолети, во режија на Синиша Ефтимов, чиј е и преводот и адаптацијата. Ова ќе биде втора премиера на театарот „Војдан Чернодрински“ од годишната програма за 2026 година.

Сценографијата и костимографијата се на Илина Ангеловска, а изборот на музика е на Евтимов.

Играат: Димитар Ѓоргиевски, Илија Волчески, Јасмина Мицовска – Станкоска, Марија Спиркоска Илијеска, Наташа Ачански, и Лора Штарго.

Боинг Боинг е класична фарса. Станува збор за текст напишан пред 60тина години и до денешен ден и повеќе од успешно живее на сцените ширум светот. Она што е фасцинантно околу овој текст, е и фактот што е влезен во Гинисовата книга на рекорди, како најмногу поставуван Француски текст, воопшто.

Во нашата верзија, во „Девојките на Марко“, имаме асимилација на ликовите и топонимите, а дејствието го пренесуваме во современ и модерен Прилеп од иднината или подобро кажано, Прилеп од паралелен универзум. Заплетот е многу едноставен и е проектиран околу животот на еден релативно успешен млад човек, Марко и неговите проблеми со три девојки, со кои, тој се забавува, во прецизно определени временски периоди, внимателно испланирани, со цел тие никогаш да не се сретнат. Битен фактор за оваа игра да успее, е нивната професија. Сите три се стјуардеси, со свои планови на летање кои не се поклопуваат, се разбира до кобниот ден, кога токму тоа ќе се случи. Во целата збрка, се вклучува и најдобриот пријател на Марко, Војдан, кој се обидува да му помогне на својот пријател во емоционалното жонглирање. Несуден диригент на оваа лакрдија е куќната помошничка на Марко, Марта, која е постојано на сцената и со многу импровизации се обидува да ги оправда нештата кои се случуваат околу неа.

Ова е претстава за ведрата страна на животот, за оние мали искри во секој од нас кои го стартуваат „joie de vivre”. За пријателството, и неговото значење во моментите кои го одредуваат патот кон остатокот од животот. Претстава која со сигурност ќе донесе свежина на репертоарот на театарот „Војдан Чернодрински“. Совршен проект за добра забава и сериозна игра на фантастичниот ансамбл и добра причина за Прилепчани да ја полната салата на домот на културата, во отсуство на вистинска театарска куќа, се надевам, не за долго, вели режисерот Синиша Евтимов.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1