Скопје
Соработка на Општина Кисела Вода и Институтот за јавно здравје
Градоначалничката на Кисела Вода Бети Стаменковска Трајковска и директорката на Институтот за јавно здравје – Скопје, д-р Марија Андоновска денеска потпишаа Меморандум за соработка помеѓу двете институции со којшто се овозможува воспоставување институционална мрежа која директно ќе придонесе кон заштита и унапредување на јавното здравје, како и подобрување на целокупните услови за живот на локалното население.
Прес-службата на Општина Кисела Вода информира дека соработката предвидува заедничко делување и координација во креирањето на локалните политики за здравствена заштита и заштита на животната средина, за што општината ќе добие континуирана експертска, стручна и техничка поддршка. Покрај ова, како што соопштуваат, партнерството овозможува реализација на заеднички програми, организирање на превентивни и едукативни активности за подигање на јавната свест, како и високо ниво на подготвеност за заедничко постапување во услови на кризни и вонредни состојби.
– Со овој чекор, Општина Кисела Вода продолжува посветено да работи на иницијативи кои обезбедуваат директни придобивки за заедницата преку стратешки партнерства со клучните државни институции, се вели во соопштението.
мај 26, 2026
