Connect with us

Технологија

Официјално претставен новиот електричен Мерцедес АМГ ГТ

Мерцедес официјално го претстави новиот АМГ ГТ купе-модел со четири врати. Препознатливиот V8 мотор заминува во историјата, а на негово место доаѓа моќен, целосно електричен погон. Иако нема вистински звук од ауспухот, автомобилот нуди уште поголема моќност и побрзо забрзување.

Надворешноста на автомобилот носи модерен изглед инспириран од концептниот модел АМГ ГТ XX, кој се одликува со спортска линија на покривот и елегантни, затемнети задни светла. Покрај естетскиот изглед, дизајнот нуди и врвна аеродинамика. Благодарение на подвижниот заден спојлер и дифузерот кои автоматски се активираат при големи брзини.

Внатрешноста е спој на луксуз и врвна технологија, каде што доминира новиот инфозабавен систем со големи екрани наменети за возачот и сопатникот. Кабината е изработена од висококвалитетни материјали како кожа, карбон и метал, а посебен детаљ е панорамскиот стаклен покрив “Скај Контрол”. Овој „магичен“ покрив има вградени ЛЕД светла кои го прикажуваат логото на АМГ, а со едноставно притискање на копче стаклото може да премине од проѕирно во целосно заматено. Иако просторот на задните седишта е малку ограничен, патниците во задниот дел сепак уживаат во удобност со сопствени контроли за климатизација и УСБ-Ц приклучоци. Како дополнителна практична карактеристика на овој електричен модел е малиот преден багажник, каде што е поставена уникатна плочка со QR код кој води до ексклузивни видеа и приказни од инженерите кои го создадоа автомобилот.

Автомобилот користи напредна батерија од 106 кВ/ч и три електромотори кои обезбедуваат погон на сите четири тркала со фокус на задниот дел. Со едно полнење може да помине до 700 километри (според WLTP), а благодарение на супербрзото полнење, за само 10 минути се добиваат дополнителни 460 километри досег.

На почетокот ќе бидат достапни две верзии:

GT55, 805 КС, 0-100 за 2.4 секунди

GT63, 1,153 КС, 0-100 за 2.0 секунди

Максималната брзина на двата модели е електронски ограничена на 300 км/ч.

За оние кои ќе жалат по стариот мотор, во Спорт+ режим автомобилот преку звучниците испушта вештачки, но многу реален звук кој го имитира звукот на моќниот V8.

Официјалните цени сè уште не се објавени, но се очекува почетната цена да биде шестцифрена бројка (над 100.000 евра) и да биде повисока од претходниот модел. Новиот АМГ ГТ се очекува во салоните во втората половина на 2026 година.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1