Connect with us

Живот

НАСА сними како звучи црна дупка во вселената

Американската вселенска агенција (НАСА) објави аудио-снимка која прикажува како навистина звучи „црна дупка“ во длабочините на вселената. Необичниот звук доаѓа од галактичкото јато „Персеус кластер“ (Perseus Cluster), кое се наоѓа на околу 250 милиони светлосни години од Земјата. Снимката за кратко време стана вирална на социјалните мрежи поради својот длабок и вознемирувачки тон.

– Иако со децении се верувало дека вселената е целосно тивка бидејќи во неа нема воздух низ кој би се ширел звукот, во одредени региони богати со гас, сепак можат да се движат звучни бранови – објаснуваат научниците.

Токму такви бранови биле забележани со анализа на податоците добиени од вселенската опсерваторија „Чандра Икс-реј Обсерватори“ (Chandra X-ray Observatory). Истражувачите откриле бранови на притисок што се шират низ жешкиот гас во јатото Персеј, поврзани со супермасивна црна дупка сместена во центарот на јатото.

Според научниците, оригиналниот сигнал бил околу 57 октави под средното C – што значи дека е премногу низок за човечкото уво да може директно да го слушне. При тоа, астрономите ја зголемиле фреквенцијата на сигналот за 57, 58 октави. На тој начин настанала верзија што луѓето можат да ја слушнат.Процесот, познат како сонификација, претставува претворање на астрономски податоци во аудио-форма, при што научните информации се трансформираат во звук. Крајниот резултат од оваа постапка бил длабоко, континуирано брмчење кое кај многумина предизвикало непријатно чувство.

Дел од корисниците на социјалните мрежи коментираат дека звукот потсетува на сцени од хорор-филмови или дистописка научна фантастика, додека други го опишуваат како „морничав“ и „нестварен“.Покрај аудио-снимката, објавена е и визуализација што прикажува како брановите на притисок се шират од центарот на овој космички феномен. Токму комбинацијата од звукот и визуелниот приказ дополнително ја воодушеви јавноста.Особено внимание привлече фактот дека станува збор за реални астрономски податоци, а не за компјутерски создадени звучни ефекти. Според научниците, токму тоа ја прави снимката уште повпечатлива и понеобична, овозможувајќи ѝ на јавноста, на сосема поинаков начин да ги доживее феномените што се случуваат во вселената.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1