Живот
Масивен вулкан уништи метан на небото
Катаклизмичната вулканска ерупција е една од најнасилните и најуништувачки појави што може да ги приреди нашата планета. Огромни облаци од пепел и гас се шират во атмосферата, додека жешката растопена карпа се издига и се тркала по површината, уништувајќи сè пред себе. Но, вулканите можат да бидат и корисни. Нивните ерупции можат да создадат дел од најплодните земјоделски површини на планетата, да изградат нови копна и да помогнат во кружењето на хемикалиите меѓу земјината атмосфера и кората.
Научниците забележаа вулкански феномен кој никогаш досега не бил виден, а кој би можел да им помогне на истражувачите подобро да ја разберат атмосферската хемија. За време на експлозивната ерупција на вулканот Хунга Тонга-Хунга Хаапаи во 2022 година во Јужниот Пацифик, сателитите открија формалдехид – доказ дека дел од метанот што го ослободил вулканот бил брзо уништен во неговиот масивен облак од пепел и гас.
Според научникот и автор на научниот труд, Мартен ван Херпен од „Акасија импакт иновејшн БВ“ во Холандија, познато е дека вулканите испуштаат метан за време на ерупциите, но досега не било познато дека вулканската пепел е исто така способна делумно да го исчисти тоа загадување. Иако метанот е секогаш природно присутен во атмосферата, помагајќи нашата планета да биде доволно топла, големата количина го забрзува прекумерното затоплување на атмосферата. Но, освен присутноста во атмосферата, многу други човечки активности произведуваат метан, што ги принудува експертите да бараат начин да го намалат неговото ниво. Еден од начините за брзо разградување на метанот е внесување на малку хлор. Откако хлорот ќе се спои со метанот, овој електрон зема атом на водород, започнувајќи реакција која на крај го разложува метанот во други соединенија – формалдехидот е само една фаза во овој процес.
Во 2023 година, тимот предводен од Ван Херпен откри дека за првпат го набљудувале овој процес во атмосферата, предизвикан од прашина дојдена од Сахара и океанско прскање. Вулканот еруптирал под површината на Тихиот Океан, исфрлајќи морска вода и пареа нагоре. Меѓу другото, создал огромен облак достигнувајќи ја најголемата височина, вбризгувајќи гасови и аеросоли високо во атмосферата, вклучително и метанот. Истражувачите објаснуваат дека откако сончевата светлина ќе ја погоди мешавината од состојки, во вулканскиот облак се формираат реактивни радикали на хлор, при што го поттикнува брзото распаѓање на метанот внатре. Сателитската снимка снимена со „VIIRS“ сателитот, ден по ерупцијата покажа дека сината боја во облакот е всушност детектираниот формалдехид.
– Кога ги анализиравме сателитските снимки, бевме изненадени кога видовме облак со рекордно висока концентрација на формалдехид, изјави Ван Херпен за „Сајенс алерт“ (Science Alert).
Истражувањето покажало дека вулканот исчистил само мал дел од метанот (900 тони дневно наспроти вкупните 330 килотони), но дека гасот може да се уништи со помош на хлор. Иако процесот е тежок, научниците се надеваат дека овој природен феномен може да се репродуцира по индустриски пат. Доколку и понатаму се набљудува сателитски, ова откритие може да помогне во борбата против глобалното затоплување.
мај 14, 2026
