Connect with us

Култура

Љутков од Брисел: Македонската култура силно одекна во срцето на Европа

Македонската култура е жива ризница на духот. Таа е светлина во фреските, ехо во каменот и трепет во народната песна. Во неа се запишани радоста и болката, копнежот и гордоста, истрајноста и вербата на многу генерации што создавале, чувале и оставале траен белег –  истакнал министерот за култура и туризам Зоран Љутков вчеравечер во своето обраќање пред концертот на Националниот џез-оркестар во Брисел во рамките на манифестацијата „Денови на македонската култура“ во Белгија.

Љутков, како што информираат од Министерството за култура и туризам, истакнал дека оваа значајна културна манифестација е потврда дека   културата е најмоќниот јазик за поврзување, почит и соработка меѓу народите.

-Вечерва, музиката го презема зборот. Овде, во култниот ’Бозар‘, Националниот џез-оркестар донесува звук што произлегува од традицијата, а се претопува во современа и слободна форма. Тоа е жив доказ дека македонската култура не само што трае, туку и се развива, создава и комуницира со светот- потенцирал Љутков.

Тој се осврнал и на богатата програма на „Деновите на македонската култура“, која содржеше повеќе настани, како: изведбата на „Лебедово езеро“ од Националната опера и балет во Антверпен, проекцијата на филмот „Исцелител“ во Брисел, како и претстојната изложба на теракотните икони од „Виничко Кале“ во Европскиот парламент.

Министерот нагласил дека поддршката на Министерството за култура и туризам за ваквите настани е израз на стратешка определба за промоција на македонската култура надвор од границите на државата, како и за зајакнување на културната дипломатија.

Во своето обраќање, министерот Љутков се осврнал и на значењето на македонскиот јазик, имајќи предвид дека во земјава вчера се одбележа Денот на македонскиот јазик.

-Македонскиот јазик не се мери со бројот на говорници, туку со длабочината на љубовта што ја носи во себе. Тој е јазик на истрајноста, на културната меморија и на идентитетот. Наша обврска е да го чуваме, да го негуваме и да го пренесуваме како најголемо духовно богатство- порачал Љутков.

Маркетинг
Ad 4
Ad 2