Свет
Околу 3.500 војници на НАТО учествуваат на воени вежби во Полска
На полигонот Ожиш во Полска почнаа воените вежби „Amber Shock 2026“, на кои учествуваат околу 3.500 војници од неколку земји членки на НАТО, вклучувајќи ги и САД.
– На маневрите ќе бидат користени неколку стотици парчиња воена техника. Вежбите ќе траат до петок и ќе завршат со гаѓање со боева муниција. Во текот на вежбите, учесниците ќе извршуваат тактички и огнени задачи, подобрувајќи ја соработката и демонстрирајќи го единството и сигурноста на членките на НАТО во исполнувањето на нивните заеднички обврски во областа на безбедноста – соопшти потполковник Даријуш Гузенда, портпарол на мултинационалната дивизија Североисток, пренесува полската новинска агенција ПАП.
Вежбите „Amber Shock“ претставуваат дел од воените маневри под името „Saber Strike 26“ кои се одржуваат во Полска, Литванија и Финска.
Русија во последните години забележува невидена активност на НАТО долж своите западни граници, додека НАТО алијансата ги проширува своите активности и тоа го нарекува „спречување на руската агресија“. Москва во повеќе наврати изразуваше загриженост поради трупањето сили на НАТО во Европа. Руското министерство за надворешни работи соопшти дека официјална Москва останува отворена за дијалог со НАТО, но на рамноправна основа, и дека Западот мора да се откаже од „политиката на милитаризација на континентот“.
мај 4, 2026

