Connect with us

Вести

Сали: Се работи на 10 критични точки од реформската агенда за ЕУ, од нив, шест се при крај

Нашата држава работи на десет критични точки, кои се обемни, а една од нив е реформите на Изборниот законик – истакна денеска министерот за европски прашања Беким Сали, кој одговараше на новинарско прашање дали е пристигнат извештајот на Европската комисија за 2025 година.

– Една од специфичните точки е Изборниот законик, кој бара поголем, поширок консензус, не можеме тоа да го направиме преку ден, само за да го исполниме тој чекор затоа што износот што го споменуваме е осум милиони евра за секој чекор. Меѓутоа, дали финансискиот дел е главниот мотив или, пак, исполнувањето на тој чекор, со цел функционирање на системот, е наша цел. Сметам дека како политичари треба да мислиме на идните процеси. Секако, и финансискиот дел е една инфузија за нашиот финансиски систем. Меѓутоа, ние како политичари треба да преземеме одговорност за иднината на државата и тука изборите ни се многу битен фактор – изјави Сали.

Тој додаде дека извештајот од Европската комисија не е пристигнат, но, како што рече, би требало во текот на оваа недела да го добие нашата Влада. Посочи дека македонската јавност знае дека тој извештај е позитивен и 16 до 21 точка се прифатени.

– Тоа е одличен знак за нас. Предупредувањето на комесарката Кос и на европатеникот Вајц се однесуваат на најави за идниот период, односно за овој период до јуни за кој имаме два месеци и сметам дека критични се 10-ина точки. Значи, тоа се критични точки, кои се во грејс-период, не се зборува за другите, кои се тековни точки, чекори, кои треба да ги реализираме. Работиме на сите сфери, значи на грејс-периодот и на редовниот период, кој треба да го исполниме. Сметам дека нивната најава, предупредување, е превентивен знак за нашата држава, треба да работиме понапорно – рече Сали.

Министерот за европски прашање Сали рече дека шест точки од 10-те критични веќе се при крај, завршени, и се очекува до крајот на април да се реализираат, а со цел нашата Влада да има два месеци период на адаптација и за можни измени.

– Мораме да признаеме дека се многу специфични и не случајно се останати така и очекуваме повеќето од овие чекори да ги реализираме, некои се веќе завршени, и преостанатиот дел од редовните 27 чекори, кои се таргет-точки, очекувам повеќето да бидат исполнети од нашите институции – истакна Сали.

Евроамбасадорот Михаил Рокас потврди дека има уште 10 чекори што треба нашата земја да ги исполни до јуни, кои, како што рече „се во рамките на грејс-периодот“.

– Ова е системот по кој што функционира реформската агенда и доколку периодот помине, а тие не се исполнат, тогаш парите се губат. Владата и министерствата што се засегнати со овие 10 чекори работат напорно да ги исполнат. На тоа се однесуваше предупредувањето и такво предупредување не беше испратено само кон Македонија, туку и до другите земји кандидати што ги исполнуваат нивните реформски агенди. Значи, во тек е напорна работа, не можам да давам предвидувања, ќе треба да почекаме до крајот на јуни за да го видиме исходот – изјави Рокас.

Евроамбасадорот Рокас додаде дека исто така во тек е извештајниот период за чекорите што треба да се исполнат до јуни 2026 година.

– Јас и мојот тим тесно соработуваме со сите министерства и гледаме дека постои импулс за тоа. Но не можам да предвидам каков ќе биде исходот на крајот од јуни, односно ќе треба да почекаме дотогаш – вели Рокас.

Маркетинг
Ad 1
Ad 2