Сцена
Биографскиот филм за Мајкл Џексон со заработка од 97 милиони долари во првиот викенд
Биографскиот филм за Мајкл Џексон ги надмина лошите критики и проблемите со продукцијата, па постигна рекорден прв викенд во САД, пишува „Ју-ес-еј тудеј (USA Today)“.
Филмот „Мајкл“, во којшто глуми внукот на починатиот поп-пејач – Џафар Џексон, заработи 97 милиони долари на домашниот пазар, според проценките од „Комскор (Comscore)“ објавени вчера. Рекордот за музички филм со најдобра првична заработка претходно го држеше „Излезени баш од Комптон (Straight Outta Compton)“ од 2015 година, којшто во првиот викенд собра 60 милиони долари во САД. „Боемска рапсодија (Bohemian Rhapsody)“, со „оскаровската“ улога на Рами Малек како пејачот на „Квин“, Фреди Меркјури, е на трето место со првично заработени 51 милион долари во 2018 година и вкупно повеќе од 900 милиони долари низ целиот свет.
Впечатливиот почеток на „Мајкл“, според познавачите, најавува и продолжение, коешто и го навестува крајот од филмот. Имено, одјавната порака гласи: „Неговата приказна продолжува“. Сепак, сѐ уште не е јасно дали можниот втор филм би ги обработрил обвинувањата против Џексон за сексуална злоупотреба, вклучувајќи го и судењето од 2005 година што заврши со негово ослободување по сите обвиненија.
Отворено прашање е и дали „Мајкл“ може да ги надмине делумно негативните критики за да биде кандидат за „Оскарите“ вгодина. Доколку, сепак, Џафар Џексон биде номиниран за глума, тој би се придружил на ексклузивниот „клуб на актери“ кои се натпреваруваа за „Оскар“ по својот прв филм.
Просечната оценка на ИМДБ засега е 7,7 /10, од вкупно 32.000 гледачи кои го оцениле филмот. На „Ротен томатос“, го препорачуваат 38 отсто од критичарите, и 97 отсто од гледачите во кино.
април 28, 2026

