Connect with us

Култура

Драмски театар Скопје вторпат не ја додели наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор

НУ Драмски театар Скопје вторпат не ја додели наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор до 30 години откога Комисијата едногласно оцени дека трите пристигнати дела не достигнуваат ниво на целосно изграден и развиен драмски текст.

На денешната прес-конференција во Драмскиот театар Скопје, по повод донесувањето на одлуката на комисијата за конкурсот за наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор до 30 години, објавен на 25 јули 2025 година, беше соопштено дека биле доставени три драмски текста од тројца автори.

Комисијата, во состав Викторија Рангелова-Петровска, драматург и претседателка на Комисијата, и членовите Жанина Мирчевска, драматург, Венко Андоновски, книжевен теоретичар, Дејан Лилиќ, актер првенец, и Димче Николовски, режисер, по анализа на доставените дела едногласно одлучила наградата да не се додели.

Во образложението на одлуката, што го прочита претседателката на комисијата, Викторија Рангелова-Петровска, драматург во Драмскиот театар Скопје, се наведува дека драмските текстови биле аналитично разгледани и тие немале целосно изградена и развиена драмска струтура. Како што посочи Рангелова-Петровска, дијалозите во драмските текстови биле повеќе информативни и непотребно реторични, а карактерите еднодимензионални, кои биле повеќе функција одошто карактери што го градат драмското дејство. 

– Комисијата аналитично ги разгледа драмските дела, кои се доставени во рок и ги исполнуваат условите во согласност со со објавениот конкурс. Комисијата потврди дека доставените текстови се испишани во драмска форма, во различен жанр и стил. Обработуваат теми инспирирани од лични и општествени состојби. Доставените дела немаат целосно изградена и развиена драмска структура. Карактерите во делата се еднодимензионални и повеќе се функции одошто карактери што го градат драмското дејство. Дијалозите се непотребно реторични, информативни или банални. Комисијата заклучи дека доставените драмски материјали имаат потенцијал, но развиени се до ниво на драмски скици, односно зачетоци, на кои им е потребна доработка за да прераснат во квалитетни драмски текстови – рече Петровска-Рангелова. 

Според комисијата, одлуката да не се додели наградата втора година по ред може да се толкува како дестимулативен потег, но, како што беше посочено, тие принципиелно остануваат на ставот дека единствениот критериум за доделување на наградата „Горан Стефановски“ мора да биде квалитетот на драмскиот текст укажувајќи дека малиот број доставени драмски дела е уште еден критичен показател. 

Комисијата, како што беше соопштено, до Ууравата на Драмскиот театар Скопје доставила предлог да се разгледаат три можни измени во правилникот за наградата „Горан Стефановски“: да се зголеми возрасната граница, целосно да се отстрани ограничувањето на возраста и да се размисли за награда „Горан Стефановски“ за развој на драмски текст и негова сценска реализација.

Директорот на театарот, Роберт Вељановски, истакна дека и покрај недоделувањето на наградата и во втората година од нејзиното обновување, целосно стои зад одлуката на Ккмисијата и изрази заложба со големо внимание да биде разгледан предлогот за можноста за промена на критериумите во правилникот за конкурсот за драмски текст за наградата „Горан Стефановски“.

Тој посочи дека се надева оти наредните конкурси, со евентуалните измени, ќе бидат со критериум достоен на делото на Горан Стефановски, а воедно и доволен мотив за авторите и нивните текстови да бидат дел од современата македонска драма, со цел да се збогатува македонското драмско творештво и да се одржи континуитетот на македонското драмско писмо.

Одлуката на комисијата за конкурсот за наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор до 30 години е објавена на веб-страницата на Драмскиот театар Скопје.

Маркетинг
Ad 1
Ad 3