Connect with us

Регион

Делфи декларација: Унапредување и поставување нови темели за европска интеграција на Западен Балкан

Ја изразуваме нашата решителност, во духот и целите на Солунската агенда, активно да го унапредиме патот кон членство на сите партнери од Западен Балкан и да постигнеме конкретни резултати за време на грчкото претседателство со Советот на ЕУ. Во месеците до грчкото претседателство, нашата заедничка цел е да поставиме нови темели за приближување и европска интеграција на Западен Балкан, пишува во декларацијата усвоена на министерскиот состанок на маргините на Економскиот форум во Делфи, јави дописничката на МИА.

„Делфи декларацијата за европската интеграција на Западен Балкан“ ја усвоија шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис и претставниците на шесте земи од регионот, односно заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, министерот за Европа и надворешни работи на Албанија Ферит Хоџа, првиот вицепремиер и министер за надворешни работи и дијаспора на Косово Глаук Коњуфца, министерот за европска интеграција на Србија Немања Старовиќ, заменик-министерот за ЕУ на Црна Гора Иван Иванишевиќ и амбасадорот на Босна и Херцеговина во Грција Драган Вуковиќ.

Во пресрет на грчкото претседателство со Советот на ЕУ во втората половина на 2027 година, учесниците на министерскиот состанок „се обврзуваат да ги засилат напорите за регионална и европска интеграција, со конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите“.

Министрите и замениците министри во Декларацијата потсетуваат на Солунската агенда, од 2003 година, за време на тогашното грчко претседателство, за која сметаат дека „ја постави основата за европската перспектива на Западен Балкан“, ја потврдуваат заедничката посветеност на ЕУ вредностите за „почитување на човековите права и човечкото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото, почитување на човековите права, вклучително и правата на малцинствата“ и повторуваат дека иднината на Западен Балкан е во ЕУ.

– Ја нагласуваме важноста на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ како стратешки императив за европската безбедност, со цел зајакнување на отпорноста, автономијата и подготвеноста на регионот и низ Европа. Го поздравуваме обновениот фокус на ЕУ кон проширувањето и интеграцијата на Западен Балкан како геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот во нашиот регион и нашиот континент. Ја истакнуваме потребата од ефикасна интеграција и опиплива поддршка од ЕУ за партнерите од Западен Балкан во борбата против хибридните закани и кампањите за дезинформации, пишува во Декларацијата.

Дополнително, претставниците на седумте земја ја повторуваат посветеност на инклузивна регионална соработка и добрососедски односи „како предуслови за интеграција во ЕУ, како и клучни елементи за градење заедничка европска иднина“, како и на ефикасното спроведување на Планот за раст за Западен Балкан, а се осврнуваат и на соработката во миграцијата, против корупцијата и против сите форми на организиран криминал.

– Повикуваме на ефективна интеграција на регионот во ЕУ плановите за поврзаност, со акцентот на енергетиката, транспортот и дигиталната поврзаност. Ја истакнуваме потребата од транспортна интеграција на Западен Балкан, вклучително и проширувањето на Трансевропската транспортна мрежа (TEN-T) и промоцијата на иницијативи како што се „Зелените коридори“ за поврзување на регионот со клучни транспортни коридори и синџири на снабдување, како што се IMEC, транспортниот коридор Западен Балкан-Источен Медитеран, Коридорот VIII по оската Исток-Запад, Коридорот X и вертикалниот коридор Црно Море-Егејско Море, пишува во декларацијата.

Дополнително, повикуваат на понатамошно олеснување на трговијата меѓу ЕУ и Западен Балкан и ги поддржуваме напорите за подобрување на протокот на стоки преку границите на ЕУ. 

Маркетинг
Ad 2
Ad 1