Connect with us

Култура

Драмски театар одбележува 80 години постоење – за јубилејот премиера на „Мачкина глава“ од Венко Андоновски

Со вечерашната премиера на претставата „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, Драмски театар ќе одбележи 80 години постоење. Ова, како што беше речено денеска, е огромен јубилеј, не само за Драмскиот театар, туку за македонскиот театар воопшто и за македонската култура.

Почетоците на Драмски театар датираат од 1946 година кога на овој ден, 21 април, на сцената на тогашниот Македонски народен театар во Скопје, премиерно била изведена „Силјан Штркот“, приказна во четири чина, работена според мотивите на приказната за Силјан Штркот на Марко Цепенков, во драматизација на Петре Прличко. Наредните три години Драмски опстојува како Куклена сцена при Македонскиот народен театар, изведувајќи по една премиера годишно.

– На денешен ден пред 80 години, на сцената на тогашниот Македонски народен театар, по формирањето на куклената сцена, е одржана премиерата на претставата „Силјан штркот“, работена по мотиви на Марко Цепенков, во режија на Петре Прличко. Ова е датумот и ова е претставата од која денешната Национална установа Драмски театар Скопје ги влече своите почетоци и денеска е 80-годишен јубилеј на Драмскиот театар Скопје. Немам точен историски податок, но веројатно, бидејќи е куклена претстава, сосема е возможно токму во овие минути од 10 часот таа претстава да се играла на сцената на МНТ. Последните три години, до 1949 година, тој театар опстојува на сцената на МНТ, потоа се осамостојува, станува куклен театар и се сели во старата скопска женска гимназија. Таму функционира до 1958-ма, една од круцијалните години за формирањето на Драмскиот театар, кога на сцената заедно со куклите се појавуваат и живи актери. Тоа е круцијален момент што ја отвора можноста да се случи она што денеска го именуваме како Драмски театар, истакна денеска на прес-конференција директорот на Драмски театар, Роберт Вељановски.

Со влегувањето во оваа зграда на 4 март 1965 година, театарот функционира на уште еден простор во Скопје кој оваа година, најпосле, по сите урбанистички промени во градот, е лоциран.

– Потоа се сели овде, во населбата Карпош 2 и од ’65-та Драмски егзистира тука, на оваа сцена. Во ’58-ма го добива името Младинско-детски театар, а во ’67-ма дефинитивно станува Драмски театар, откако претходно во ’65-тата е додадена додавката Драмски и младинско-детски театар. Тоа е она што го вели историјата за нашиот театар, дополни Вељановски.

„Мачкина глава“ е 461-ва премиера на сцената на Драмски. Играат Рубенс Муратовски, Билјана Драгичевиќ Пројковска, Филип Трајковиќ, Александар Степанулески, Сара Климоска, Игор Ангелов, Сања Арсовска, Златко Митревски и Предраг Павловски,  сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Марија Папучевска, а композитор на музиката е Горан Трајковски.

За Андоновски е оргомна чест што Драмски ќе го одбележи големиот јубилеј со претстава направена по негов текст.

– Кога оваа зграда, овој објект е пуштен во употреба, јас сум имал една година и сум живеел во бараката на моите родители во Влае. Тогаш некој да ми кажел дека ќе ми биде направена чест 80 години Драмски театар да се одбележи со мој текст, веројатно прво не би го разбрал, но, како и да е, би било нешто неверојатно. Направена ми е огромна чест. Ако се погледне што сѐ овој театар исфрли пред сѐ како артисти, и како режисери, и како писатели, како сценографи, како костимографи… тоа е еден град. Тоа е еден мал град на луѓе кои живееле овде, потенцира Андоновски.

Во врска со „Мачкина глава“, напомена дека направил постмодерна рециклажа на „Диво месо“ од Горан Стефановски, задржувајќи ги основните драмски конфликти. Во текстот, сепак, има и многу индивидуални содржини, како и доза на хумор.

– Се обидов да се прашам, кога сега Горан би го пишувал „Диво месо“, дали воопшто би било тоа можно? Светот многу се измени од времето кога Горан го правеше своето „Диво месо“. Мислам дека во текстот успеав да фатам контури… Разочарувачки е што она што Горан го кажа во „Диво месо“ сега е десеткратно зголемено и потрагично. Живееме во луд свет кој страда од шизофренија. Порано схизоморфијата се лекуваше на индивидуално ниво. Во овој свет тоа очигледно станува колективна појава. Војните се враќаат, а тие се секогаш знак на схизоморфија или шизофренија. Тој свет не заслужува никаков друг коментар освен театарска претстава. И мојата „Мачкина глава“ е всушност еден крик над овој свет. „Мачкина глава“ се вика зашто сум се обидувал да ја запомнам физиономијата на мачките. Ги разликуваме, нели, меѓутоа сите имаат иста физиономија и освен мјаукањето, ништо друго како јазик од нив не можете да чуете. Ми се чини дека планетата се претвора полека во една таква мачкина глава, која апсолутно нема свој јазик. А кога нешто нема свој јазик, станува бесповесно, нагласи авторот.

И Пројковски се заблагодари за честа што е дел од екипата на јубилејната претстава. „Мачкина глава“, објасни, е обид да се создаде постмодерна драма базирана на традицијата. Изобилува со многу сатира и автоиронија, а едно од важните прашања што ги отвора е, зошто никој досега ништо не научил и зошто секогаш секоја нова генерација ги почнува истите работи, истите глупости од почеток.

– Драмски за мене е многу важен театар, бидејќи мојата прва професионална претстава е тука: „Падот на невиноста“. Потоа беше „Јона Даб“, „Хамлет“, „Генетика на кучињата“, „Кармен“, „Падот на Масада“… „Мачкина глава“ почнува со основната идеја што ја кажа и Венко: можно ли е денес да се напише „Диво месо“ и како тоа би изгледало?, една голема референца и голема точка во македонскиот театар и уште поважно – една од идентитетските точки на македонскиот театар. Од друга страна, тоа беше само почетната тема на претставата. Претставата се обидува да прави деконструкција на „Диво месо“ и преку текстот да ги видиме работите денес. Човек се прашува, дали е ова истата цивилизација која најдобро и најлесно произведува војни? Зошто и како човештвото се претвори во најголемата фабрика за производство на детски солзи?, рече Пројковски.

Според него, театарот, за разлика од животот, ја има среќата и можноста да ги пробува новите општествени форми, новите системи, без ниту една капка крв.

-Тоа е разликата меѓу театарот и животот, бидејќи во животот сите вежби за нови концепти и нови системи завршуваат со многу тони, литри крв и со многу детски солзи. Всушност, во претставата се прашуваме зошто тоа се случува и секогаш кога мислиме дека сме ги фатиле крајните граници на човечката лудост, веќе следниот ден имаме негација. Од друга страна, претставата се занимава со индивидуата, со малиот човек, што би рекол Чехов. Распнат помеѓу страстите… малиот човек, помеѓу страстите, желбите и соништата. Мислам дека во претставата стигнуваме до уште една тема на Горан – „Лет во место“ што ни се случува и забораваме, додека се занимаваме со Истокот и Западот, на човечкиот живот, на времето што тече. Сега и тука, на малите работи кои се всушност важни, личната среќа, љубовта, додаде режисерот.

 „Мачкина глава“ ќе биде третата премиера годинава на сцената на Драмски театар, втора од програмата за 2026-та.

НУ Драмски театар – Скопје е добитник на речиси сите релевантни награди, признанија и одликувања во областа на културата и театарската уметност, како во поранешната СФРЈ, така и во Република Македонија. На МТФ „Војдан Чернодрински“ наградата за уметничко остварување на претстава во целина Драмскиот театар ја има освоено 10 пати од 1979 до 2012 година. Во 2021 година на истиот фестивал е доделена наградата за севкупен уметнички ангажман и резултат на авторот и актерите на претставата „Мојот маж“.

Драмски театар е одликуван и од двајца претседатели: (1976) Орден за заслуги за народ со златна ѕвезда од Јосип Броз Тито и (2016) Орден за заслуги за Македонија од Ѓорге Иванов. 

Маркетинг
Ad 2
Ad 4