Connect with us

Скопје

На ФЕИТ отворени RoboMac и RoboMac Junior

На Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје денеска беа отворени 14-то издание на RoboMac и 6-тото издание на RoboMac Junior. Учесниците на RoboMac ќе се натпреваруваат во категориите Trig, Track, Trace, AI Football, Robotic Arm Challenge, The VoiceBot Challenge, Self Racing Cars и SumoBot, а учесниците на RoboMac Junior 2026, ќе се натпреваруваат во RoboMac Junior –автономна мобилна роботика и RoboMac Junior – паметна електроника за автономни возила.

Финалниот натпревар во сите категории на настанот, организиран македонската секција на ИЕЕЕ (IEEE – The Institute for Еlectrical and Еlectronics Еnginеers), преку нејзиниот студентски огранок при УКИМ и Факултетот за електротехника и информациски технологии, а е во коорганизација со Факултетското студентско собрание – ФЕИТ, ќе се одржи в сабота.

За проф. д-р Владимир Атанасовски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии, овој настан ја обликува иднината затоа што „RoboMac не е само натпревар, тој е движење – кое ја обединува енергијата на младите, знаењето на академијата и динамиката на индустријата. Движење кое создава нова генерација инженери – луѓе кои не чекаат иднината да се случи, туку активно ја креираат“.

Атанасовски потенцира дека живееме во време на длабоки технолошки трансформации – вештачката интелигенција, роботиката и автономните системи веќе не се концепти на иднината, туку реалност што ја редефинира економијата и општеството.

-Во таков свет, најголемата вредност не е само знаењето – туку способноста да се создава, да се адаптира и да се води. Токму затоа RoboMac има посебно значење. Овде не се натпреварувате само кој ќе изгради подобар робот или алгоритам. Овде учите како да размислувате, како да соработувате, како да решавате сложени проблеми – вештини што ќе ве дефинираат како лидери во иднината. Не плашете се да мислите големо, не плашете се да грешите и никогаш не престанувајте да создавате затоа што иднината нема да ја создадат оние што следат, туку оние што се осмелуваат да водат – им порача Атанасовски на студентите – учесници на RoboMac.

За проф. д-р Биљана Ангелова, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, овој настан претставува збир на талентирани умови и е доказ за зголемената важност на роботиката и вештачката интелигенција во нашето општество. Светот, како што рече, претрпува брза технолошка трансформација.

-Автоматизацијата и интелигентните системи суштински ги менуваат индустриите, од производство и здравствена заштита до транспорт и комуникација. Додека гледаме кон иднината, јасно е дека роботиката и вештачката интелигенција ќе играат сè поважна улога во обликување на нашите животи – посочи ректорката.

Нагласи дека со поддршка на настани како RoboMac, Универзитетот инвестира во општествената иднина.

-Ги зајакнуваме младите умови да станат архитекти на новото технолошко и просперитетно општество. Знаењето и искуството стекнато овде ќе ги поттикне да се справат со предизвиците и можностите што претстојат – рече Ангелова.

Проф. д-р Гога Цветковски, претседател на македонската секција на IEEE потсети на почетоците на овој натпревар.

-Благодарение на ентузијазмот и посветеноста на македонските членови на ИЕЕЕ пред 16-тина години беа реализирани почетоците на овој натпревар кој низ годините прерасна во бренд препознатлив во земјата и пошироко. Настан чиј што почеток секоја година се очекува со нетрпение. Како што ИЕЕЕ ги следи и унапредува технологиите, така и РобоМак од издание во издание се развива и унапредува. Доказ за тоа се разните категории во кои секоја година се натпреваруваат учесниците на РобоМак и РобоМак јуниор кои постојано се унапредуваат и надоградуваат со нова опрема и нови предизвици – посочи Цветковски.

Лука Стефановски, претседател на студентскиот огранок на македонската секција на IEEE, свечено го отвори четиринаесеттото издание на RoboMac со порака да победат најхрабрите идеи.

-Кога некој од страна ќе слушне за RoboMac, веројатно размислува само на жици, сензори, мотори и линии код. Но, ние знаеме дека тоа е само површината. Она што навистина се случува на овој настан е нешто многу посуштинско – овде, апстрактните идеи од учебниците добиваат физичка форма и теоријата од скриптите се судира со реалниот свет – рече Стефановски.

Според него, додека светот дебатира дали вештачката интелигенција ќе нè замени, „ние знаеме една работа: ниту еден алгоритам не може да ја замени креативноста, оригиналноста и тврдоглавоста на еден инженер. Роботите се само алатки, а вие сте тие што им давате живот – или барем ги убедувате да не се забијат во првиот ѕид на кој ќе наидат“. Стефановски ги повика студентите да почнат да ја кодираат иднината уште денес.

Маркетинг
Ad 4
Ad 4