Connect with us

Регион

Прогресивна Бугарија на Румен Радев ќе има апсолутно мнозинство во 52. Народно собрание

Партијата Прогресивна Бугарија на Румен Радев, според податоците на Централната изборна комисија, објавени во 13 часот по локално време, при обработени 98,33 проценти од протоколите, освоила 44,67 проценти или 1,42 милион гласа.

Тој е победник на изборите и се смета дека ќе има пратенички мандати самостојно да формира влада. 

Втора е ГЕРБ – СДС на Бојко Борисов со 13,37 проценти од гласовите (424.967), ПП-ДБ има 12,75 отсто (405.281), четврта е ДПС-Нов почеток на Делјан Пеевски со 6,85 отсто или 217.910 гласови и последна Преродба на Костадин Костадинов со освоени 4,3 проценти од гласовите или 136.170 гласа.

Социолошката агенција „Маркет линкс“ на 100 отсто обработени гласови од паралелното гласање ги дава следните резултати: Прогресивна Бугарија – 44,4 отсто, ПП – ДБ – 12,8 отсто, ГЕРБ – СДС – 12,4 отсто, ДПС – 6,3 проценти и Преродба – 3,8 проценти. Според овие резулати, распоредот на мандатите во новото бугарско собрание е: Прогресивна Бугарија ќе има 140 пратеници, ПП – ДБ – 41, ГЕРБ – СДС – 39, ДПС – 20.

Според аналитичарите, ова е првпат по 1997 година една партија самостојно да освои мнозинство во парламентот. На изборите во 1997 година Обединетите демократски сили на Иван Костов освоила 52,26 проценти од гласовите.

И според социолошките агенции победник е Румен Радев со неговата Прогресивна Бугарија, при што бројот на освоени мандати се движи меѓу 129 и 140 мандати.

„Алфа рисрч“ со 100 проценти обработени податоци од гласањето ги дава следните резултати: Прогресивна Бугарија – 44,2 %; ГЕРБ – СДС – 13,4 %; ПП – ДБ – 12,6 %; ДПС – 7,8 %; Преродба – 4 %. Распоредот на мандатите при ваков резултат во парламентот би бил: Прогресивна Бугарија – 129 пратеници; ГЕРБ – СДС – 39; ПП – ДБ – 31; ДПС – 23 и Вазраждане – 12 мандати.

Со 100 проценти обработени податоци од паралелното броење, „Маркет линкс“ ги дава следните резултати: Прогресивна Бугарија – 44,4 %; ПП – ДБ – 12,8 %; ГЕРБ – СДС – 12,4 %. ДПС – 6,3 % и Преродба – 3,8 %. При вакви резултати дистрибуцијата на мандати во новото бугарско собрание би била: Прогресивна Бугарија – 140 пратеници; ПП – ДБ – 41; ГЕРБ – СДС – 39 и ДПС – 20 мандати.

„Галуп“ со паралелното броење на сто отсто од примерокот го покажува следниот резултат: Прогресивна Бугарија – 44,3 %; ГЕРБ – СДС – 13,7 %; ПП – ДБ – 11,6 %; ДПС – 7,7 % и Преродба – 4,9 %.

На изборите за 52. состав на Народното собрание, според Централната изборна комисија, право на глас имаа 6.575.151 граѓанин, кои своето избирачко право можеа да искористат на речиси 12.000 гласачки места.

Во изборната трка учествуваа 24 политички партии и коалиции, а 4.786 кандидати се натпреваруваа за 240 пратенички места.

Гласаа и Бугарите надвор од земјата на 493 избирачки места во 55 држави. Како што соопшти бугарското МНР, поради временската разлика, гласањето за новиот состав на Националното собрание во странство почна во саботата во 22 часот по бугарско време, а заврши утрово на 20 април во 6 часот.

Ова се седми предвремени парламентарни избори во Бугарија во последните пет години, што ја одразува нестабилноста и променливата политичка сцена во земјата. Официјалните резултати ќе бидат соопштени од Централната изборна комисија на Бугарија четири дена по гласањето, на 23 април, а имињата на пратеници седум дена по изборите, односно на 26 април. 

Маркетинг
Ad 2
Ad 3