Регион
Словенија: Партијата на Голоб се „радува на работа во опозиција“, Јанша „подготвен на сè“
Претседателот на Движењето Слобода, Роберт Голоб, технички премиер на Словенија, по консултациите кај претседателката Наташа Пирц Мусар рече дека во неговата партија „се радуваат на работата во опозиција“, а неговиот ривал Јанез Јанша рече дека неговата партија во моментов не составува влада, но е подготвена на сите сценарија.
Голоб денеска рече дека „коалицијата на измамници“, како што ја нарече потенцијалната нова десна влада, „нема долго да трае“ и дека неговата партија „се радува на работата во опозиција“. Лидерот на Слобода беше остар кон своите политички ривали, велејќи дека оној што ги мами луѓето во врска со она за што се залага „ги урива самите темели на демократијата“.
Претседателот на пратеничката група на Слобода, Борут Сајовиц, рече дека партијата „нема 46 гласови“ потребни за формирање мнозинство во парламентот, но и дека не сакале да ги добијат со „уцени, корупција или поткуп“, пренесува словенечката агенција СТА. Слобода беше релативен победник на изборите со 29 пратеници, еден повеќе од Словенечката демократска странка на Јанез Јанша.
Јанша, премиер на Словенија веќе трипати, по консултациите со Пирц Мусар денеска рече дека СДС во моментов не составува влада, но е подготвен на сите сценарија – останување во опозиција, составување влада или нови избори. „За нас сите три опции се добри. Друго прашање е кои опции се добри за Словенија“, рече Јанша, пренесува СТА.
Тој ја коментираше изјавата на Голоб за останување во опозиција: „По целиот тој хаос, дупките во јавните финансии и рекордните даноци, верувам дека се радува што некој друг ќе го решава тоа“, рече Јанша, па ги обвини медиумите дека се обидуваат да помогнат во создавањето на втора влада на Голоб.
Кон крајот на минатата недела од „преговорите“ со Слобода излезе лидерот на Демократите, Анже Логар, поранешен словенечки министер за надворешни работи под Јанша и некогашен член на СДС. Слобода тврди дека до преговори со Логар, чија партија на изборите освои шест пратеници, не ни дошло, и дека тој политичар, кој голем дел од предизборната кампања се бранеше од обвинувањата на другите партии дека „е скриен адут“ на Јанша, се покажал токму како таков.
Реагираше и самиот Јанша кој на социјалните мрежи обидот на Голоб за составување влада го спореди со оној на Зоран Јанковиќ, градоначалникот на Љубљана кој во 2011 година не успеа во тоа и покрај изборната победа. Партијата на Јанез Јанша, кој на изборната ноќ нагласи дека нема да составува „слаби влади“, со поддршка на предизборната коалиција предводена од НСи (осум пратеници), Демократите (шест пратеници) и Ресни.ца (пет пратеници) би имала повеќе од 46 пратеници потребни за мнозинство во словенечкиот парламент кој вкупно има 90.
На словенечкиот политички ветеран можат да му се придружат и двајца пратеници на малцинствата. Минатата недела за претседател на парламентот веќе е избран Зоран Стевановиќ, водач на крајно десната партија Ресни.ца, партија која сака да го преиспита словенечкото членство во Европската Унија и НАТО, ги негира климатските промени и често истапува против вакцините. Стевановиќ, контроверзен поранешен полицаец кој доби отказ поради несоодветно однесување кон надреден под влијание на алкохол, во 2011 година кај нотар заверил изјава дека неговата партија никогаш нема политички да соработува со СДС или со Јанша, но токму со гласовите на партијата на поранешниот премиер минатата недела беше избран да го води словенечкиот парламент.
Пирц Мусар денеска ги продолжува консултациите со лидерите на пратеничките групи за кандидат за претседател на владата. Иако Јанша тврди дека не составува влада, на првата седница на колегиумот на претседателот на Државниот збор, Зоран Стевановиќ, договорена е вонредна седница на Државниот збор в петок на која ќе се менува законот за влада по скратена постапка. Оваа недела, според Јанша, ќе се занимаваат со „конституирање на парламентот и некои чекори кои се неопходни за следната влада да почне да работи, без оглед на тоа каква ќе биде таа“.
Јанша исто така денеска рече дека политичката ситуација, која се појави по изборите, според негово мислење, укажува на тоа дека на Словенија ѝ треба промена на изборниот систем, кој „би можел да биде и комбинација на мнозински и пропорционален“.
април 21, 2026

