Connect with us

Регион

Шефовите на ЕС, ЕК и на НАТО му честитаа на Радев

Претседателите на Европски совет и на Европска комисија, како и генералниот секретар на НАТО денеска му ја честитаа победата на Румен Радев на вчерашните предвремени парламентарни избори во Бугарија.

Честитки до Румен Радев за јасната изборна победа, со задоволство повторно ќе Ве пречекаме во Европскиот совет, објави Антонио Кошта на социјалните мрежи.

Тој додаде дека утрово телефонски разговарал со Радев и оти со нетрпение ја очекува нивната заедничка работа на состаноците на европските лидери за заедничките цели за просперитетна, независна и безбедна Европа.

И Урсула фон дер Лајен му честиташе на Радев.

Честитки до Румен Радев за неговата изборна победа, Бугарија е горд член на европското семејство и има важна улога во справувањето со заедничките предизвици, истакна Урсула фон дер Лајен.

Таа додаде дека се радува на соработката помеѓу Бугарија и Европа.

Додека Марк Руте посочи дека телефонски разговарал со Радев.

Разговарав со Радев по повод неговата изборна победа, очекувам да продолжиме со нашата соработка за заедничките безбедносни предизвици, објави на социјалните мрежи Марк Руте.

Партијата Прогресивна Бугарија на Румен Радев, според податоците на Централната изборна комисија, објавени во 13 часот по локално време, при обработени 98,33 проценти од протоколите, освоила 44,67 проценти или 1,42 милион гласа.

Тој е победник на изборите и се смета дека ќе има пратенички мандати самостојно да формира влада.

Втора е ГЕРБ – СДС на Бојко Борисов со 13,37 проценти од гласовите (424.967), ПП-ДБ има 12,75 отсто (405.281), четврта е ДПС-Нов почеток на Делјан Пеевски со 6,85 отсто или 217.910 гласови и последна Преродба на Костадин Костадинов со освоени 4,3 проценти од гласовите или 136.170 гласа.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1