Регион
Косово пред нови предвремени избори: Пропаднаа преговорите меѓу Курти и Абдиџику
Косово се движи кон нови предвремени парламентарни избори – изјави денеска косовскиот премиер Аљбин Курти по неуспешната средба со лидерот на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ДСК), Љумир Абдиџику. Средбата беше дел од напорите за постигнување договор за избор на нов претседател на државата откако мандатот на Вјоса Османи истече на почетокот на април.
Курти нагласи дека разговорите биле неуспешни бидејќи опозицијата не прифатила ниедна од неговите понуди за надминување на кризата.
– На ДСК им понудивме заедничко владеење со „Самоопределување“ и нашите партнери, при што тие би ги добиле местото заменик-премиер, Министерството за надворешни работи и уште три дополнителни министерства. Сакав Абдиџику да стане мој заменик за да отвориме ново поглавје, но понудата беше одбиена – изјави Курти.
Според премиерот, земјата сега се соочува со „непотребни“ избори, кои би биле трети во изминатата една и пол година. Тој предупреди дека новиот изборен процес ќе го чини државниот буџет најмалку 10 милиони евра, а веројатно нема да донесе решение, бидејќи повторно може да недостига кворум од 80 пратеници за избор на шеф на државата.
Со цел да го деблокира процесот, Курти понудил и внатрешна ротација во Собранието – актуелната претседателка на законодавниот дом, Албулена Хаџиу, да се повлече на потпретседателското место, а функцијата претседател на Собранието да му припадне на ДСК. Сепак, и овој предлог не бил прифатен.
– Не можеме да формираме влада против волјата на народот. Ние сме единствените што предлагавме конкретни имиња и решенија, а кај опозицијата постои еден вид бојкот – додаде косовскиот премиер.
Во согласност со одлуката на Уставниот суд, Собранието на Косово има рок од 34 дена, сметано од 25 март, да ја заврши процедурата за избор на претседател. Доколку до 28 април не се избере нов шеф на државата, земјата автоматски оди на нови избори. Овластувањата на претседател во меѓувреме ги врши претседателката на Собранието, Хаџиу.
Курти информира дека остварил контакт и со лидерот на најголемата опозициска партија, Демократската партија на Косово (ДПК), Бедри Хамза. Тој појасни дека ДПК побарала „бланко политички договор“ за нивни кандидати, но истакна дека понудата за заедничко владеење била ексклузивно наменета за ДСК.
На последните избори одржани на 28 декември 2025 година, движењето „Самоопределување“ (ЛВВ) освои 57 мандати, ДПК – 22, ДСК – 15, Алијансата за иднината на Косово (АБК) шест места, а преостанатите 20 мандати се резервирани за малцинските заедници. За избор на претседател во првите два круга е потребно двотретинско мнозинство (80 гласа), што го прави процесот целосно зависен од компромис меѓу партиите.
април 20, 2026

