Култура
Македонски уметници го отвораат интернационалниот фестивал фестивал „ Muse-X“ во Тирана
Камерниот оркестар Профундис ќе настапи на свеченото отворање на интернационалниот „Мјуз-Екс Експо фестивал“ (“Muse-X Expo Festival”), кој од 17 до 19 април ќе се одржи во Тирана, Албанија.
Настапот ќе биде реализиран заедно со истакнатата македонска пијанистка Ема Попивода и ќе претставува централен уметнички момент на отворањето на фестивалот.
Публиката ќе има можност да проследи 40-минутен сценско-визуелен перформанс кој ги обединува класичната музика, современиот сценски израз и визуелните елементи. Камерниот оркестар Профундис ќе настапи во соработка со оркестарот на Државната албанска радио телевизија, претставувајќи современ уметнички концепт кој ја нагласува креативната енергија на македонската музичка сцена.
-За нас претставува особена чест што токму Профундис ќе биде дел од свеченото отворање на еден ваков интернационален фестивал. Овој настап е можност да ја претставиме современата македонска музичка сцена пред меѓународна публика и да покажеме дека камерната музика може да биде дел од современи мултимедијални концепти, изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, уметнички директор и диригент на Профундис.
Додава дека соработката со Ема Попивода и сценско-визуелниот концепт на проектот отвораат нов простор за креативен израз и нагласува дека ваквите настапи се значајни не само за афирмација на оркестарот, туку и за позиционирање на македонските уметници на меѓународната сцена.

„Мјуз-Екс Експо фестивал“ претставува интернационална платформа која обединува музика, визуелни уметности, креативни индустрии и културни професионалци од повеќе земји.

Фестивалот се одржува на мултифункционална сцена во просторот на познатиот објект Пирамида во Тирана и вклучува концертна програма, конференции, експо-презентации и професионални средби, со што создава можности за културна размена и нови меѓународни соработки.
-На оваа голема платформа на креативната индустрија учествуваат 22 земји, кои ќе понудат 15 часа активност секој ден, на 120 штандови, од повеќе од 80 различни компании. Од САД и Обединетото Кралство, до Европа и Јапонија, Тирана се претвора во глобален центар на културата, музиката и филмот, со десетици професионалци од музичката и кинематографската индустрија, ангажирани на панели и работилници, објави Министерството за туризам, култура и спорт.
Настапот на Камерниот оркестар Профундис на отворањето претставува значајно меѓународно претставување на македонската музичка уметност и уште една потврда за нивното активно присуство на регионалната и европската сцена.
април 17, 2026

