Култура
Со „Приказната за Силјан“ почнуваат филмските проекции во „Бели мугри“ со нова дигитална опрема
Центарот за култура „Бели мугри“ од Кочани утре ќе ја одржи првата филмска проекција со новата дигитална киноопрема, набавена со донација од Агенцијата за електронски комуникации.
Со документарниот филм „Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска, снимен во околината на Кочани, во Облешево, и официјално ќе почне новата сезона на филмски проекции.
Како што најави в.д. директорката Габриела Стефановска, проекцијата ќе има хуманитарен карактер, а собраните средства ќе бидат наменети за повредените од минатогодишната трагедија, на кои им е потребна долгорочна поддршка.
Стефановска информира дека свое присуство на премиерната проекција на „Приказната за Силјан“ најавиле претставници на Министерствотоза култура и туризам, претставници на донаторот – Агенцијата за електронски комуникации. Присутна ќе биде режисерката Тамара Котевска, еден од продуцентите – Јорданчо Петковски, претставници на Агенцијата за филм и Кинотеката на Македонија и, секако, главниот „актер“, кој е од Облешево, со дел од екипата што го сними филмот.
Проекцијата на документарецот „Приказната за Силјан“ е закажана за утревечер во 19 часот.
април 17, 2026

