Connect with us

Скопје

На стотици граѓани им се извршени бесплатни превентивни прегледи пред ЗД „Железничар“ по повод Светскиот ден на здравјето

Стотици граѓани учествуваа во акцијата за бесплатни превентивни прегледи, која денеска по повод Светскиот ден на здравјето ја организира Здравствениот дом „Железничар“. На граѓаните пред оваа јавна здравствена установа им беа измерени крвен притисок, шеќер и холестерол во крвта, телесна тежина и висина, обем на половина и колк, имаа консултации со медицински лица и им беше даден совет за здрав живот.

Директорот на Здравствениот дом „Железничар“, Спасе Јанев, рече дека и годинава се приклучуваат на одбележувањето на 7 Април, Светскиот ден на здравјето, со организирање бесплатни превентивни прегледи со цел навремено откривање одредени заболувања.

– Се ставаме во служба на нашите граѓани со цел навремено откривање на заболувањата и растоварување на здравствениот систем. Еден живот навремено да биде спасен е најголемиот успех што може да го постигнеме. За таа цел организираме бесплатни превентивни прегледи на нашите сограѓани од страна на медицинските тимови на Здравствениот дом „Железничар“, а Здружението посветено на пациентите со рак и нивните негователи „Хема-онко“ се приклучува кон овој повик – истакна д-р Јанев.

Потпретседателот на Здружението, Милица Кузмановска, рече дека клучот е превенцијата, но треба да се подигне свесноста за болестите што се почести кај популацијата. Посочи дека на граѓаните им поделиле едукативни материјали за симптомите на болеста.

Претседателот на Здружението, Ана Марјановиќ, посочи дека во Македонија нема скрининг-програми, а тоа што го има и за кое има повици се обиди тоа да биде скрининг-програма.

– И тоа е нешто што треба да се промени. За да имаме скрининг-програма, во државата треба да бидат вклучени сите фактори на здравствениот систем, почнувајќи од „Мој термин“, матичните доктори, па да стигнеме до специјалистите, оние што треба да го прават скринингот. Сериозно потфрламе во овој поглед, има некои чекори направени напред, меѓутоа за да станува збор за скрининг-програми, треба да имаме капацитети да го опфатиме целото население. До овој момент ние такви капацитети немаме, да не зборуваме дека оваа скрининг-програма не беше со повици, туку требаше самите пациенти да се пријавуваат, имавме такви што се пријавуваа и не добиваа термини, па имавме термини што се поклопуваа и имавме пациенти кои со симптоми не можеа да влезат во скрининг-програмата, се губеа во системот и мораа сами да наоѓаат термин – рече Марјановиќ.

На новинарско прашање во врска со нискиот одѕив од страна на пациентите што добиваат СМС-порака за превентивен преглед во рамките на скрининг-програмата, таа рече дека недостига едукација на населението за значењето на скрининг-програмите за тоа колку е важно да бидат детектирани какви било промени во раните фази и некакви законски регулативи со кои и самите пациенти ќе бидат принудени доколку им се понуди термин, а го одбијат, да има некаква последица, како што е во светот.

– Првин треба да го едуцираме населението, да овозможиме услови за секој пациент, а потоа да воведеме одредени казни. Доколку првите две ги немаме, тогаш не може вината да падне на населението – додаде Марјановиќ.
Пред Здравствениот дом „Железничар“ се одржа и изложба на Живко Поповски-Цветин со мото „Цвеќе, здравје, мир“, кој им подари свои дела на здравствените работници, а присуствуваа и поетите Драгица Пандиловска, Павле Стојановски и Љубица Бунтеска, како и оперската певица Серафима Фантаузо

Маркетинг
Ad 3
Ad 3