Connect with us

Регион

Грчката Влада го презентираше оперативниот план за целосна примена на забраната за продажба на тутунски производи и алкохол на малолетници

Оперативниот план за целосна примена на забраната за продажба на тутунски производи и алкохол на малолетници во Грција , што вклучува нови дигитални алатки најавени пред четири месеци, денеска беше детално соопштени и објаснети од надлежните грчки министри, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчката Влада на крајот на ноември минатата година на состанокот што го свика премиерот на Кирјакос Мицотакис, како што тогаш објави МИА, ги презентираше трите нови дигитални алатки, односно електронски регистар за приватни настани, забави, матурски прослави итн., со планирано присуство на малолетни лица; електронски регистар за контрола на продажба на тутунски производи и алкохол, како и безбеден механизам за проверка на реалната возраста на купувачите на конкретните производи.

Овие дигитални алатки се за зголемување на ефикасноста на контролите за забраната за продажба на алкохолни пијалаци и тутунски производи на малолетници.

Како што беше истакнато на денешната прес-конференција на министрите за здравство, за заштита на граѓаните и за дигитално управување, продажбата, давањето или нудењето тутун и алкохол на малолетници претставува кривично дело, додека пак прекршоците се казнуваат со затвор до три години и со парична казна.

Главната цел на новата институционална рамка е заштита на малолетниците, спречување на зависноста на млада возраст, зајакнување на транспарентноста и надзорот на пазарот, поефикасно спроведување на законодавството и усогласување на земјата со националните и европските стратегии за јавно здравје.

Новата рамка на грчката Влада се базира на пет главни оски: превенција и заштита на малолетниците, зајакнување на надзорот на пазарот, регулирање на новите никотински производи, создавање дигитален регистар за контрола и зајакнување на контролните механизми и санкциите.

Според надлежните министри, согласно оперативниот план, целосно се забранува продажба на тутунски производи и алкохол на малолетни лица, а продавачот е одговорен за проверка на возраста на купувачот, додека пак во случај купувачот да не покаже доказ за возраста, тогаш се забранува продажбата.

Верификација и проверка на возраста на оној што сака да купи тутунски производи или алкохол од продавница, ќе се врши со скенирање на QR-код од веќе постоечката апликација за деца „KidsWallet“ и преку владиниот сајт Гов.

Паралелно се воведува електронски регистар за контрола на тутунски производи и алкохол (alto.gov.gr), при што секоја продавница што продава такви производи ќе треба задолжително да се регистрира и да ги пријави категориите на производи што ги нуди, со што ќе бидат регистрирани сите продажни точки во земјата за полесни контроли.

Дополнително, со оглед на тоа што со постоечкиот закон забранет е влез на малолетни лица во барови и ноќни клубови, за приватни настани, се воведува електронски регистар (events.gov.gr), преку кој бизнисите -организатори, доколку планираат присуство на малолетници ќе мора претходно да го пријавуваат типот на настан, односно дали станува збир за матурска прослава, забава и сл. заедно со датумот на одржување.

Новата законска рамка ги регулира и електричните производи без тутун, никотинските производи и никотинските кесички, а и за овие производи постои забрана за продажба на малолетни лица.

Министерот за здравство на Грција Адонис Георгиадис рече дека како држава, преземаат одговорност за создавање „строг, но правичен систем што значително ќе го ограничи пристапот на младите до тутунски производи и алкохол, заштитувајќи ја новата генерација од ризици што го загрозуваат нивното здравје и развој“.

– Со новата законска рамка воведуваме јасни правила, ги засилуваме контролите и за првпат во толку широк обем ги користиме можностите на технологијата. Дигиталната проверка на возраст и Дигиталниот регистар за контрола претставуваат клучни алатки што обезбедуваат транспарентност, одговорност и ефикасност, посочи Георгиадис.

Министерот за заштита на граѓаните Михалис Хрисохоидис објасни дека со примената на новиот закон од 7 јули 2025 година до 5 март 2026 година, полициските служби спровеле 82.094 контроли, при што биле уапсени 313 лица и покренати 433 предмети. 

Маркетинг
Ad 2
Ad 3