Connect with us

Скопје

Во Скопје презентиран проектот „Застапување за дигитална инклузија“

Во Скопје денеска беше презентиран проектот „Застапување за дигитална инклузија“, што ќе биде имплементиран од Здружението за асистивна технологија – „Отворете ги прозорците“ и „ЗЕТА“ – Здружение за попреченост и правда.  

Општа цел на проектот, како што беше кажано на настанот, е да се придонесе кон унапредување на човековите права и еднаквоста на лицата со попреченост преку застапување за дигитална инклузија, развој на капацитетите на организациите на лица со попреченост за независното живеење согласно Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. Беа истакнати и нагласувањето на важноста на дигиталната достапност како предуслов за независно живеење и активно граѓанство, јакнењето на партнерството меѓу граѓанскиот сектор и институциите, се создава основа за системски промени, како и креирање општество што ја вреднува различноста, ја намалува дигиталната нееднаквост и овозможува активно учество на сите граѓани.

Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски рече дека се таму за да ги слушнат предизвиците и нагласи оти максимално се посветени за да се подобрат работите.

Меѓу другото, Велковски рече дека и детските градинки имаат потреба асистивната технологија да биде дел од нив како почетна установа во системот на детската заштита.

Државниот секретар во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска на присутните им рече дека имаат идентичен интерес и заедничка цел.

– Да го подобриме образованието на учениците со попреченост, за да можат да го достигнат својот полн потенцијал и потоа, да се осигура нивното вистинско место во нашето општество, подвлече Ивановска.

Таа додаде дека за учениците со попреченост во изминатиот период МОН направило повеќе важни чекори.

– Последнава учебна година ангажиравме најголем број на образовни асистенти во основното образование – 1.346 и за првпат во средното образование – вкупно 130. Паралелно вложуваме и во унапредување на капацитетите на воспитно образовниот кадар, нагласи Ивановска.

Таа најави дека приоритет што со сигурност ќе се реализира во периодот што следи, било подобрување на условите за настава и рехабилитација во шест училишта со ресурсни центри – три во Скопје и по едно во Штип, Ново Село и Битола, за што, веќе биле обезбедени финансиски средства. Во рамки на овој процес планирано е обезбедување на асистивна технологија.

– Целта е технологијата да биде обезбедена и да стигне до секој ученик кој има потреба од неа, истакна Ивановска.

Патем кажа дека посветено продолжуваат со работа.

– Ќе завршам со една мисла што често ја кажувам – не е можно квалитетно инклузивно образование, без развиено инклузивно општество. Затоа, да продолжиме заедно да градиме токму такво – инклузивно општество, порача Ивановска.

Никола Мицевски рече дека му е задоволство што како претседател на Интерпарламентарната партиска група за лицата со попречености е на настанот и што може да придонесе во дискусиите за одредени предизвици. Рече дека денешниот настан и сличните на него се исклучително важни затоа што покрај другото, помагаат во креирањето конкретни решенија и политики што ќе го подобрат квалитетот на живот на лицата со попреченост.

– ИППГ е составена од пратеници од сите пратенички групи застапени во Собранието. Ми претставува задоволство што е една од ретките да речам групи каде што сите одлуки се донесуваат со консензус на сите присутни. Се надевам дека нашите иницијативи што ќе произлезат од вас – од вашите барања, ќе го видат светлото на денот и дека заедно ќе успееме да надминеме одредени предизвиц, истакна Мицевски.

Тој рече дека целта мора да биде јасна, да се создаде дигитално општество што ќе биде инклузивно, пристапно и правично за сите граѓани.

Мицевски уверуваше дека во него и во ИППГ, присутните имаат пријател и соработник.

Маргарита Гулевска, извршна директорка на „Отворете ги прозорците“ појасни дека настанот е со цел официјално да се претстави проектот „Застапување за дигитална инклузија“, што се реализира во партнерство со Здружението за попреченост и правда – „ЗЕТА“.

– Овој проект е резултат на заедничката визија на нашите две организации, визија за општество во кое технологијата, дигиталните услуги и образованието се достапни за сите, особено за лицата со попреченост. „Отворете ги прозорците“ веќе две децении работи на унапредување на пристапот до асистивна технологија и инклузивно образование, додека „ЗЕТА“ придонесува кон унапредување на правната рамка, правдата и застапувањето за правата на лицата со попреченост. Токму оваа комбинација на практично искуство и застапување за системски промени беше основата за нашата соработка. Со овој проект сакаме да направиме еден важен чекор напред да ја отвориме темата за дигиталната инклузија не само како техничко прашање, туку како прашање на човекови права, децидна беше таа.

Нагласи дека дигиталните услуги, образованието, пристапот до информации и комуникација се сѐ повеќе дел од секојдневниот живот.

– Но, доколку тие не се достапни за сите, тогаш ризикуваме да создадеме нови форми на исклучување. Денешниот настан е замислен како простор за заедничка работа и дијалог. Овој настан има една цел: да ги слушнеме искуствата, да ги идентификуваме системските предизвици и заедно да формулираме конкретни препораки што ќе придонесат за подобрување на пристапот до асистивна технологија и нејзината примена. Веруваме дека само преку отворена соработка помеѓу институциите, граѓанскиот сектор и заедницата на лица со попреченост можеме да создадеме одржливи решенија, нагласи Гулевска.

Нејзиното обраќање го заврши со порака од нивна кампања што сега се реализира на социјалните медиуми.

– Имено, со оваа порака ја започнавме – Асистивната технологија не е луксуз, туку право, порача Гулевска.

Маркетинг
Ad 1
Ad 3