Вести
ДЗР: Неправилности во Министерството за односи меѓу заедниците, недостигаат 30 лаптопи, исплаќана плата без присуство на работа, финансирани здруженија и фондации
Државниот завод за ревизија при ревизијата во Министерството за односи меѓу заедниците за 2024 година констатирал кусоци на материјални средства, вклучувајќи 30 преносни компјутери, исплата на 61 процент на име плата на вработените, без да се обезбедат податоци за нивното присуство на работа, и точење нафтени деривати во возила за кои не може да се потврди дека се во сопственост на Министерството.
ДЗР, денеска, на својата веб-страница објави извештаи за извршена ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Министерството за односи меѓу заедниците на сметката на основниот буџет (637) за 2024 година и ревизија на усогласеност на тема јавни набавки во Министерство за односи меѓу заедниците (претходно Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците) во 2023 година.
Како што соопшти ДЗР, изразено е неповолно мислење во однос на реалноста и објективноста на финансиските извештаи и усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставените политики. Со извршената ревизија утврдиле состојби што укажуваат на слабости при начинот на евидентирањето и користењето на средствата со кои располага Министерството за односи меѓу заедниците.
– Ревизорите утврдија нецелосно спроведен попис на средствата и обврските со состојба на 31.12.2024 година, при што 28 проценти од вкупните основни средства со сегашна вредност од 1.565 илјади денари, односно 25.360 евра, не се пронајдени при вршењето на годишниот попис на основни средства, а како резултат на невоспоставена пракса на издавање реверси за задолжување на вработените со опремата што им е доделена на користење, исто така 30 преносни компјутери не се пронајдени со пописот. За седум моторни возила не е воспоставена сметководствена и материјална евиденција, а за побарувањата од вработените во износ од 2.102 илјади денари, односно 34.000 евра, кои потекнуваат од минати години (2012 – 2020 година), Министерството не располага со документација за ненамирениот износ, односно кое лице должи и во кој износ – се вели во соопштението од ДЗР.
Од таму укажуваат дека за некои од наведените состојби, по промена на раководството, во текот на 2024 година преземени се активности за нивно надминување, а за други постапуваат и други надлежни органи.
Утврдени се и состојби со извршена ревизија на документацијата за реализација на програмата за финансирање на активностите на здруженијата и фондациите за 2023 година по што на 33 здруженија и фондации исплатени се средства во износ од 19.800.000 денари, односно 320.900 евра. Ревизорите наведуваат дека програмата е донесена со задоцнување во октомври 2023 година кога е објавен и јавниот повик за финансиска поддршка на здруженијата и фондациите, а не во рок од 30 дена по донесувањето на буџетот, како што е уредено со кодексот на добри практики за финансиска поддршка на здруженијата на граѓани и фондации. Во одделението за соработка со здруженија и фондации во 2024 година, во периодот на реализација на програмата, од девет предвидени работни места, не било пополнето ниедно. Исто така, Комисијата за распределба на финансиски средства за финансирање програмски активности на здруженија и фондации од буџетот на Министерството, составена од 18 члена од повеќе државни институции, не обезбедила документација за извршеното бодирање на апликациите од страна на секој член на Комисијата за 138 поднесени апликации опфатени со предлог ранг-листата. Здруженијата и фондациите што се стекнале со правото на користење средства од Министерството дел од документацијата ја доставиле на албански јазик, без превод на македонски јазик, што не е во согласност со одредбите на Законот за употреба на македонскиот јазик.
– Во согласност со извештајот за користење на распределените средства и за постигнатите резултати од поддржаните активности на здруженијата и фондациите за 2023 година, од вкупно 33 здруженија и фондации, 17, односно 51 процент од нив треба да извршат поврат на средствата во буџетот на државата во износ од 1.225 илјади денари, односно 19.850 евра, од причина што не доставиле докази за трошење на средствата. До денот на ревизијата 14 здруженија вратиле средства во износ од 361 илјада денари, со две здруженија се води постапка за медијација за враќање на средствата во износ 264 илјади денари, а за едно здружение е поведена судска постапка за поврат на средства во износ од 600 илјади денари. За исплата на плати и надоместоци за 244 вработени во Министерството, исплатени се 165.010 илјади денари, од кои за 150 вработени по потпрограмата К5 – Соодветна и правична застапеност на заедниците и како преведувачи или за 61 процент од вработените исплата на плата се врши без да се обезбеди доказ за присутност на работа и за полно работно време и покрај воспоставената електронска евиденција на работното време за вработените – се вели во соопштението од ДЗР.
Со Законот за преземање административни службеници вработени преку потпрограма К5 во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, наведува ДЗР, предвидено е Министерството по преземање на вработените да донесе измена на актот за систематизација на работните места со цел усогласување со потребите на Министерството. Актите за внатрешна организација и систематизација на Министерството во периодот од нивното донесување во 2019 година, па сè до 2025 година, изменети се шестпати, со добиени согласности. Заклучно со 31.12.2024 година, од предвидените 2.556 работни места. пополнети се 244 работни места. односно пополнетост од 10 проценти поради неизвршени усогласувања со одредбите од законот. што влијае на реалното согледување на потребните капацитети на Министерството.
Како што наведува ДЗР, во текот на 2025 година почната е изработка на функционална анализа како основа за подготовка и донесување нови акти за внатрешна организација и за систематизација на работни места во Министерството, која до денот на ревизијата не е изработена.
Во однос на реализација на договорите за јавни набавки, ревизорите констатирале дека во известувачкиот период на име трошоци за нафтени деривати исплатени се средства во износ од 516 илјади денари, како што соопштуваат, без да се врши контрола на регистарските таблички и видот на набавеното гориво поради што овозможено е моторни возила што не се во сопственост на Министерството или возила за кои нема податок за регистарски броеви да полнат гориво, односно да набавуваат течен нафтен гас, кој не е предвиден како вид гориво во склучениот договор за набавка.
– При спроведување две постапки ревизорите утврдиле дека за понудената цена за сервисирање возила од 0,01 денари за 1 работен час и за провизија од 0,01 проценти од износот на угостителската услуга комисиите не побарале објаснување за понудената невообичаено ниска цена. Притоа во некои од фактурите за сервисирање на возилата за 2024 година вршена е замена на делови, кои не се предвидени со листата во тендерската документација, за некои од ставките фактурирани се цени што се неколкупати повисоки од прифатената понуда, а за извршените услуги не се доставени работни налози како прилог на фактурите. Исто така, при изборот на најповолен економски оператор за набавка на услуги од авторска агенција, иако како критериум е поседување лиценца А, Б, В или Г за вршење привремени вработувања, комисијата за јавни набавки не побарала да се достават бараните лиценци како доказ за исполнување на условите за учество во постапката за јавна набавка. Вредноста на склучениот договор е 11.800.000 денари – соопшти ДЗР.
март 4, 2026

