Connect with us

Свет

Трамп: Некој од внатрешноста на Иран е подобар наследник на Хамнеи од Пахлави

Американскиот претседател Доналд Трамп го отфрли прогонетиот престолонаследник на последниот ирански шах Реза Пахлави како потенцијален наследник на неодамна елиминираниот врховен водач Али Хамнеи аргументирајќи дека „некој од внатрешноста“ на Иран би можел да биде подобар избор.

Во изјава за новинарите во Овалната соба, Трамп рече дека многу ирански официјални лица, кои неговата администрација ги гледала како потенцијални нови лидери на земјата, биле убиени во американско-израелската кампања, во која загинаа иранскиот врховен водач Али Хамнеи и многу други високи функционери.

Трамп јавно не идентификува никого кого го смета за веродостоен иден лидер на Иран. Нејасно е каков контакт, доколку воопшто го имало, остварила Белата куќа со иранските официјални лица откога почна војната, пренесе „Тајмс оф Израел“.

– Повеќето од луѓето што ги имавме на ум се мртви. Сега имаме друга група, можеби и тие се мртви, судејќи според извештаите. Така што, доаѓа трет бран. Набргу нема да познаваме никого – рече Трамп во разговор со новинарите во Овалната соба.

Синот на убиениот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, Моџтаба Хамнеи, е фаворит за наследник на својот татко како следен шеф на Исламската Република, според извештајот на „Њујорк тајмс“, во кој се вели дека високите верски лидери задолжени за избор на следниот врховен водач би можеле да ја објават својата одлука веќе утрово.

Цитирајќи ирански официјални лица запознаени со дискусиите, извештајот наведува дека свештениците имаат одредени резерви за прогласувањето на Моџтаба Хамнеи за врховен водач стравувајќи дека тоа би можело да ја зголеми веројатноста тој да биде цел на САД и Израел.

Трамп изјави дека Реза Пахлави, синот на поранешниот шах, кој се обидува да се позиционира за враќање доколку падне иранската шиитска теократија, не е личност што неговата администрација длабински ја разгледувала за преземање на водството во Иран.

– Ми се чини дека некој од внатре можеби би бил посоодветен – рече Трамп додавајќи дека би имало смисла да се појави „некој што е таму, кој во моментот е популарен, доколку постои таква личност“.

Коментарите на Трамп дојдоа додека тој беше домаќин на германскиот канцелар Фридрих Мерц, што е негов прв личен ангажман со странски лидер откога САД и Израел ја почнаа војната против Иран.

Трамп рече дека сака да го избегне „најлошото сценарио“ во кое „некој презема власт, кој е еднакво лош како претходната личност“.

– Тоа би можело да се случи. Не сакаме тоа да се случи. Минувате низ сето ова и потоа, по пет години, сфаќате дека сте поставиле некој што не бил ништо подобар – додаде американскиот претседател.

Маркетинг
Ad 4
Ad 3