Вести
Сиљановска-Давкова утре ќе му биде домаќин на својот албански колега Бегај
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова утре ќе му биде домаќин на претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, кој ќе престојува во официјална посета на земјава, соопштија од Кабинетот на македонската претседателка.
Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателката по што ќе следува тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и на албанската делегација.
Во рамките на официјалната посета претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Албанскиот претседател Бегај денеска ќе има средба со градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Од Општина Чаир соопштија дека градоначалникот Меџити, во духот на унапредување на институционалната соработка и консолидирање на одличните билатерални односи, денеска со свечен прием во Општината ќе го пречека албанскиот претседател Бегај, кој ќе престојува во официјална посета на нашата држава.
По средбата, заедно со придружната делегација, ќе се упатат кон џамијата „Мустафа-паша“, а ќе ја посетат и Старата чаршија, каде што ќе положат цвеќе на споменикот на националниот херој Ѓeрѓ Кастриот-Скендербег, проследено со изведба на националната химна и културно-уметничка програма од Државниот ансамбл.
февруари 26, 2026

