Connect with us

Скопје

Стаменкоска-Трајкоска: Општина Кисела Вода договори соработка со Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ во областа на едукацијата и урбанистичкото планирање

Општина Кисела Вода и Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ воспоставија стратешка соработка насочена кон унапредување на сеизмичката безбедност и подобра подготовка на граѓаните за природните појави. За ова денеска се разговараше на работната средба што ја одржа градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска во една од опсерваториските станици лоцирани на територијата на општината.

Од Општината соопштија дека на средбата со раководителката на опсерваторијата, проф. д-р Катерина Дрогрешка, и деканот на ПМФ, проф. д-р Даворин Трпески, биле дефинирани насоки за заедничко дејствување во областа на едукацијата и урбанистичкото планирање. Соработката опфаќа обуки и едукативни сесии за наставници и ученици од основните училишта, со цел младите да стекнат практични знаења за справување со природни ризици.

Паралелно, Општината ќе ги зајакне сопствените капацитети во делот на урбанизмот преку размена на релевантни податоци и стручни анализи од Опсерваторијата, со цел осигурување повисоки стандарди за сеизмичка безбедност при планирање и изградба на нови објекти.

– Денешната посета е потврда на нашата посветеност да градиме општина чие дејствување се потпира на научни факти и стручни анализи. Наша обврска е да обезбедиме највисоко ниво на сигурност, а сакаме тоа знаење првенствено да го пренесеме во училиштата бидејќи едуцираните млади луѓе се најсилниот столб на една заедница. Паралелно со ова, целта е дополнителна надградба на знаењата на нашиот Сектор за урбанизам преку директна размена на релевантни податоци со врвните експерти. На овој начин нашето искуство во планирањето и градењето го зајакнуваме со најновите научни анализи за уште побезбедни објекти во Кисела Вода – истакна Стаменкоска-Трајкоска упатувајќи благодарност до професорите за поддршката.

Општина Кисела Вода најавува дека активностите ќе продолжат со цел зголемување на подготвеноста и безбедноста на локалната заедница.

Маркетинг
Ad 3
Ad 1